Red Bull Tetris го освои Дубаи: 60 држави, илјадници дронови и прв светски шампион

Овој викенд во Дубаи, повторно се одржа светско финале – овојпат за натпреварот кој ги помести границите во гејмингот и ѝ даде целосно нова димензија на најиграната игра во светот – Red Bull Tetris.

Од 11 до 13 декември, Дубаи пулсираше со брза и динамична е-спорт акција, каде националните Red Bull Tetris шампиони од 60 земји се соочија во квалификациски рунди и директни дуели, со цел да се одредат двајцата финалисти на светското Red Bull Tetris финале.

Дел од овој глобален спектакл беше и Македонија, заедно со својот национален Red Bull Tetris шампион – Александар Голов, кој со својот настап на националното финале во Скопје го привлече вниманието уште од првите рунди.

Александар Голов ја освои титулата национален Red Bull Tetris шампион на националното финале во Скопје, кое се одржа на 12 ноември, каде што се истакна со исклучителна брзина, сигурни одлуки и контрола во клучни моменти. Токму тие квалитети го донесоа и на светската сцена во Дубаи, каде што се натпреваруваше рамо до рамо со најдобрите Tetris играчи во светот. По тесна и неизвесна партија против Хонгконг во која противникот оствари повисок резултат, заврши неговиот натпреварувачки дел од светското финале, но Александар продолжи да биде дел од настанот како сведок на историскиот спектакл што следеше.

Неговото искуство на светското финале, самиот тој го опиша со еден збор: „Магично!“

Светското Red Bull Tetris финале во легендарниот Dubai Frame донесе и светска премиера на дрон шоу во изведба на Lumasky, со повеќе од 2.000 дронови кои формираа Tetris мрежа на небото над Дубаи. Настанот беше збогатен и со музички настап во живо на El Waili и Firdaus Orchestra, кои на публиката ѝ понудија современа интерпретација на легендарната музика од Tetris, спојувајќи електронски звуци со класични оркестарски елементи.

Големото финале се одигра меѓу Fehmi Atalar од Турција и Leo Solórzano од Перу, во неизвесен 1-на-1 дуел. По off-stage натпреварот за избор на редослед, Atalar и по победата одлучи да настапи втор. Solórzano прв застана на сцената и со одлични T-Spin стратегии ја заврши својата петминутна партија со 57.164 поени.

Со јасна цел пред себе, Atalar смирено го започна својот настап, постепено зголемувајќи го своето темпо, со што успеа да го надмине резултатот на својот противник уште пред истекот на времето. На крај, неговиот резултат изнесуваше импресивни 168.566 поени.

Со неговиот последен потег, Fehmi Atalar официјално влезе во историјата како прв светски Red Bull Tetris шампион.

Светското Red Bull Tetris финале постави нови стандарди за тоа како класичните игри можат да се пренесат во современ контекст, преместувајќи ја играта Tetris од екран во отворен, жив простор. Со интегрирање на дрон технологија во препознатливиот архитектонски симбол Dubai Frame, настанот покажа како новите технологии можат да го прошират значењето на е-спортот и големите јавни настани, отворајќи ново поглавје во светот на конкурентниот гејминг.

Учеството на Македонија на овој светски спектакл, повторно остави јасен печат дека македонската гејминг сцена има свои претставници кои се подготвени за глобалната сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни