Направи-сам рециклирање на пластика: Како глобална заедница се бори против загадувањето со пластика

Проектот Precious Plastic инспирира илјадници луѓе ширум светот да рециклираат пластика локално со достапни машини и отворени упатства. Дали ова движење е решението за глобалното пластично загадување?

Околу 1400 тони пластика беа рециклирани за една година од заедницата Precious Plastic. Дали отворениот пристап и технологијата конечно ќе направат подем на рециклирањето?

Сè започна во 2014 година, кога Дејв Хакенс, тогаш студент на Академијата за дизајн во Ајндховен, го објавил својот дизајн за машина за рециклирање пластика — бесплатно за светот.

Целта била да се направи рециклирањето на пластика достапно за локалните заедници, со поедноставени, лесно поправливи машини кои секој може да ги изгради.

Во истата година, три лица независно ја реплицираа машината на Хакенс. Така беше роден проектот Precious Plastic.

Сè што произведува проектот — од машини, упатства и алатки до дизајни на производи — е достапно бесплатно под отворена лиценца. Машините може да се нарачаат глобално или самите да се изработат со материјали кои се достапни на пазарот.

Со четири верзии на машините зад себе, денес Precious Plastic е глобална заедница со над 2000 регистрирани иницијативи за рециклирање во 56 земји. Членовите не само што ги прилагодуваат машините, туку и создаваат локални бизниси и ја подигнуваат свеста за пластичното загадување.

„На крајот на денот, она што го сакавме беше — повеќе пластика да се рециклира,“ вели Џери де Воос, кој се приклучил во 2017 година за време на својата пауза меѓу додипломски и постдипломски студии по индустриски дизајн.

„Често имавме идеи врз основа на она што другите го имаа направено или што сметавме дека ќе ѝ користи на заедницата“, објаснува тој. „Тогаш баравме средства и штом ќе бевме задоволни од резултатот — ги објавувавме.“

Пластичниот отпад сè уште е голем проблем

До 2050 година, се проценува дека 99% од сите птици ќе имаат изедено пластика.

Се уште помалку од 9% од сета произведена пластика се рециклира. Остатокот завршува на депонии, во природа или во океани. Последиците ги чувствуваат особено дивиот свет и кревките екосистеми.

Во 2025 година, италијанска студија првпат откри микропластика во јајниците на неколку жени — предизвикувајќи грижи за плодноста.

Технологијата за рециклирање постои, но индустријата не се развива доволно брзо. Производството на нова (девствена) пластика е поевтино од рециклирање, а многу земји немаат развиена инфраструктура за рециклирање.

Наместо да чекаат — преземаат иницијатива

Precious Plastic одлучи да го спушти прагот за влез во оваа индустрија. „Проектот беше прв каде што можеше лично да решаваш глобален проблем,“ вели де Воос.

Проектот исто така нуди алатки за оние што сакаат да го претворат рециклирањето во одржлив бизнис.

Примери од светот:

Во Сингапур, Plastify собира шишиња и рециклира медицински отпад во производи како официјален Ф1 мерч. Во Торино, Италија, Plastiz претвора стари семафори и капсули за кафе во материјали за архитектура и ентериер. Во Украина, No Waste Ukraine во екот на војна се труди да направи селектирањето отпад културна норма. Денес тие прават мебел за кафулиња, корици за тетратки и подароци — сите од рециклирана пластика.

Проектот успева благодарение на ентузијасти. „Бевме 12 луѓе кои скоро секој ден работеа бесплатно,“ вели де Воос. „Но на крајот, сите мораат да плаќаат кирија.“

Верзијата 5 на машините е моментално во застој поради финансиски проблеми. Сепак, де Воос вели: „Машините се таму. Сè уште се релевантни. Секој може да продолжи каде што ние застанавме.“

Рециклирањето пластика бара долгорочна поддршка

Иако заедницата направи многу, останува прашањето дали владите ќе го преземат својот дел од одговорноста. Precious Plastic посочува дека без системски промени, индивидуалните напори нема да бидат доволни.

Секоја година се произведуваат околу 460 милиони тони пластика. Поголемиот дел од неа не е дизајнирана да се рециклира 1:1.

Алтернативи веќе постојат — од јадливата амбалажа на Notpla во Велика Британија до јапонска пластика што се раствора во морска вода.

Останува да се види дали светските лидери во август ќе постигнат договор за глобален пластичен договор. Тој би можел конечно да ја насочи индустријата кон кружна економија.

Ако не преку големите играчи, тогаш — очигледно — преку иницијативи оддолу како Precious Plastic.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни