Рецензија:„Секс, лаги и главоболки“ – без лажни видеоленти, софистициран хумор и горчлива месечина

Ако Секс, лаги и видеоленти на Стивен Содерберг е филм кој низ интимен и суптилен психолошки портрет на сексуалноста, лагите и емоционалната отуѓеност ја обележа пресвртницата во американскиот независен филм, тогаш Секс, лаги и главоболки, во режија на Александра Кардалевска, со право може да се нарече потпишан момент на пресврт во нашата комедиографска сцена. Оваа претстава отстапува од веќе видените рамки и со сигурен чекор влегува во територија на жанровска хибридност – каде се среќаваат интелигентен хумор, реална болка и психолошка прецизност.

Пишува: Ана Василевска

Пред да зачекорам на премиерата, во четвртокот (22 мај) на малата сцена во Театар Комедија, чувствував необична возбуда. Веројатно од две причини: насловот и драмскиот мотив потсетуваат на култниот филм на Стивен Содерберг, кој го обожувавме во младоста, а улогата на Џејмс Спајдер – наградена на Кан во 1989 – беше „влажен сон“ на тинејџерските фантазии. И второ, затоа што Театар Комедија секогаш ќе остане мојот „Театар Центар“ – место каде просторот и времето се мерат со културна меморија, не со календар.

Толку умешно, како и самиот Содерберг, Кардалевска успева на мала сцена, со крајно софистицирана сценографија и четворица актери, за два часа да ги отвори клучните прашања: интимност, доверба, манипулација. Но, сето тоа низ смеење до солзи – за она што е, во суштина, горчлива реалност. Моралното и неморалното во партнерските односи, изложено на сцена со духовитост, прецизност и луцидна доза апсурд.

И токму како што Содерберг го сними својот филм на минималистички начин – со четири лика, една камера и длабоки дијалози – така и Кардалевска, на ограничен простор, со сценографија што зборува тивко, но јасно, успева да креира цел свет на современи, кревки, но препознатливи човечки релации.

Четирите лика, изведени со прецизна актерска физичност и психолошка суптилност, низ две театрални серии во кои се мешаат сатира и реалност, ја отвораат пандорината кутија на една модерна интимност: интимност збунета, разнишана, или пак целосно изгубена во морето од очекувања, стравови и (не)искрености. Комичното и трагичното се судираат во остри, духовити дијалози што никогаш не навлегуваат во баналност.

Кардалевска се служи и со елементи на ситком – кратки, ритмични сегменти, кои ја раздвижуваат структурата и овозможуваат посуптилен пристап кон емотивната тежина на темите. Но зад таа лежерност, се крие исклучително длабока режисерска прецизностСекс, лаги и главоболки е театар кој те засмејува, а потоа, нечујно, те наведува да се запрашаш: дали сме навистина искрени – најпрвин со себе?

Претставата е визуелно заокружена благодарение на одличната фотографска атмосфера, за која се погрижил Душан Кардалевски, а во креативна спрега со Онур Озџан, сцената станува слична на „камерен аквариум“ – прозирен и полн со сенки, во кој се рефлектираат нашите секојдневни емотивни лавиринти.

Актерската изведба на Жаклина Петровска, Тони Денковски, Сергеј Дамовски и Елена Кузманов е извонредна. Нивната хемија, темпираноста, прецизната трансформација на ликовите и балансирањето меѓу апсурдното и емотивното е за пофалба. Присуството на гласот на Жаклина Стевковска Дрнасин внесува дополнителен звучен волумен – како глас на совеста, или тивка нарација на сите непроговорени вистини.

Текстот го потпишува драматургот Благица Секулоска, која успеала со многу стил да ги спои локалните културни референци со глобалната интонација на темата. Музиката – на Оливер Јосифовски, Давор Јордановски и Михајло Михајловски – е совршен урбан амбиент, кој не е само музичка подлога, туку емоционален ритам на целата претстава.

Публиката – жива, внимателна и искрено насмеана – возврати со долготраен аплауз. Аплауз кој не беше само за глумата или режијата, туку за храброста – храброста да се создаде театар кој не се плаши да биде паметен, искрен и човечки ранлив.

Секс, лаги и главоболки е многу повеќе од урбана комедија. Тоа е огледало во кое секој може да ја види својата приказна, без разлика дали ќе се насмее, ќе се вознемири или ќе ја впие тишината помеѓу репликите. Тоа е претстава што зборува за лагите меѓу партнерите, но уште повеќе за лагите кон самите себе.

А ако не можете да ги расплеткате сопствените врски полни со недоречености и главоболки, тогаш барем – преку оваа претстава – можете гласно да се изнасмете, да препознаете нешто вистинито, и на крај да излезете од театарот со едно чувство:
„Да, вистината боли. Но барем овде – боли со стил, хумор и непогрешлив уметнички вкус.“

Извор: https://nulta.mk/posts/%D1%80%D0%B5%D1%86%D0%B5%D0%BD%D0%B7%D0%B8%D1%98%D0%B0%D1%81%D0%B5%D0%BA%D1%81-%D0%BB%D0%B0%D0%B3%D0%B8-%D0%B8-%D0%B3%D0%BB%D0%B0%D0%B2%D0%BE%D0%B1%D0%BE%D0%BB%D0%BA%D0%B8?share=1

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни