Приказната започнува со мистериозната смрт на Самјуел, сопругот на главниот лик Сандра. Неговото тело е пронајдено под нивната куќа во француските Алпи, и останува нејасно дали станува збор за несреќен случај, самоубиство или убиство. Сандра е главниот осомничен, а нивниот син, кој е речиси слеп, станува еден од клучните сведоци. Филмот умешно ги комбинира елементите на судска драма и психолошки трилер, истражувајќи ги тензиите и недоразбирањата во долгогодишниот брак на главните ликови.
Еден од најсилните аспекти на „Anatomy of a Fall“ е сценариото, кое Трие напиша во соработка со Артур Харари. Дијалозите се остроумни, уверливи и впечатливи, а сцените во судницата се прилично интензивни. Трие успева да ја долови сложеноста на човечките емоции и мотиви, создавајќи навидум неутрални сцени кои, подлабоко анализирани, откриваат многу за ликовите и нивните односи.
Изведбата на Сандра Хулер е извонредна. Таа умешно го претставува ликот на Сандра, личност оптоварена со својата внатрешна борба и вина. Нејзиниот перформанс е суптилен, но полн со емоции.
Визуелниот стил на филмот е внимателно конструиран и обмислен. Влијанието на Џон Касаветес, прото-инди режисерот од Њујорк и пионер на интимниот, независен филмски наратив, е очигледно во делото на Жистин Трие. Како и Касаветес, Трие го става акцентот на емотивната комплексност на ликовите, создавајќи психолошки портрети преку суптилни дијалози и ненаметливи агли на камерата. Фокусот на меѓучовечките односи и начинот на кој се истражуваат тензиите и ранливостите во интимните врски, потсетува на кино-студиите за човечката природа обмислени и режирани од Касаветес. Трие го адаптира овој пристап за модерната публика, притоа користејќи го за да истражи прашања за вистината, вината и перцепцијата во контекст на правен и емотивен конфликт.
„Anatomy of a Fall“ е многу повеќе од обичен судски трилер. Тоа е психолошка студија за човечките односи, за довербата и за вистината. Жистин Трие успева да создаде филм кој е подеднакво интелектуално стимулирачки и емоционално моќен. Со извонредна глума, интелигентно срочено сценарио и ненаметлива а издржана режија, ова дело е еден од впечатливите и квалитетни филмови произлезени последниве неколку години.