,,Замисли нов свет“ во МНТ не е театарот на Бродвеј, и не треба да биде, таа е наша а светска, модерна и сензитивна или како што вели Горан „ Не може баш сè да е кај вас, а баш ништо да не е кај нас.“
…Средина на декември, месецот што треба да ја одвлечка старата година, месец во кој веќе почнуваат желбите за новата. Веројатно со надеж да го видиме и замислиме светот поубав, свет во мир, оној што го отпеа Џон Ленон во „Imagine“ во 1971 година, кога нашиот драматуршки великан Горан Стефановски веќе бил момче на свои 19 години и со радост ги вртел синглиците на Ленон. Не е тајна дека Стефановски ги сакаше Битлси, дека беше прогресивен вљубеник во рокенролот или „сонувач“ кој својот раскошен талент го темелеше врз есенцијата на македонскиот културен ген, од кој создаде светски дела.
Гледалиштето на Македонскиот народен театар вчеравечер се исполни до последното место, светлата се изгаснаа и завладеа една свечена тишина, во исчекување на најновата претстава на режисерката Нела Витошевиќ, „Замисли нов свет“, работена со мотиви од драмските дела на Стефановски. Го замислив Горан, седнат некаде меѓу публиката, со онаа негова скромна и блага насмевка, со лицето потпрено врз раката и магијата на сцената почна…
Препознатливата минималистичка сценографија во функција на постмодернистичката режија на Витошевиќ, надополнета со прецизни визуелни ефекти, тонирана музика и осум актери кои го оставија срцето на штиците што живот значат, гравираа речиси двочасовно волшепство, што ни ги растресе емоциите и мислите.
Оваа импресивна прошетка низ познатите дела на Горан беше организирана врз три драмски корпуси: традицијата, генерацискиот јаз и нашиот културен идентитет. И токму овие три нарации кои се суштествени во драматуршкиот јазик на нашиот великан доминираа со сосема нова експресија. Во еден светски театарски манир, сегментарно и секогаш на место, прозвучеа репликите од „Диво месо“, „Лет во место“, „Дупло дно“ и уште многу цитати од неговите текстови. А можно ли е да се извлече најдоброто од Горан, кога секој збор му беше алтан?
И сите замки во предизвикот да биде поставена оваа претстава како компилација крајно умешно се прескокнати, и структуирана е нова драмска сложувалка која прави извонредна целина, спојувајќи се со таква леснотија и темпиран ритам, кој не ви ги остава чувствата на раат, до самиот крај. Онаа синтеза на повозрасните и помладите актери ни понуди раскошна и сугестивна игра, во која сите го дадоа најдоброто. Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски, секој својствено на својот сензибилитет играа како да сакаат да му докажат на Горан дека нашиот театар има големина на Монт Еверест, дека му се поклонуваат и му се заблагодаруваат за сето што ни го остави, дека ќе го сочуваме и надградиме. Особено впечалива беше нашата харизматична актерка Недеска, која на македонска театарска сцена застана првпат по 20 години, и покажа колку многу недостасувала во македонскиот театар.
Тешката задача за драматизација и адаптацијата на колажната драмска слика е на Ана Ристоска-Трпеноска. Музичките сонгови, без кои веројатно претствата ќе останеше далеку посиромашна, се на композиторот Огнен Анастасовски, за сценографските решенија, пак, одлучил Костантин Трпеноски. Одличната костимографија ја потпиша Роза Трајчевска-Ристоска.
Тоа што е куриозитет во реализација на оваа претстава е дека таа е проект на Телеком во соработка со МНТ, идеја на маркетинг-агенцијата Saatchi&Saatchi Скопје, дел од Публицис групацијата, инспирирана од творештвото на Стефановски, со кој ќе бидат заокружени активностите од иницијативата #НаправиМесто за 2024 година. Инаку, станува збор за шестиот проект по започнувањето на новата театарска сезона на театарот, овој пат во копродукција МНТ со искусниот „Сектор филм“, односно Владимир Анастасов и Ангела Несторовска, кои направија позитивна разлика и скок во театарската продукција.
Телеком со оваа кампања и заклучно со поддршка на оваа претстава покажа висока свесност за општествена одговорност, која да се надеваме ќе биде пример и за другите компании. Дека, културата е браник за неубавото и истовремено врзивно ткиво за нашето минато, сегашност и иднина, која може да ја смени болно вистинитата сентенца на великанот „минатото никако да си замине, иднината никако да дојде, а ние тука глумиме сегашност“.
„Замисли нов свет“ во МНТ не е театарот на Бродвеј, и не треба да биде, таа е наша автентична, а светска, модерна и сензитивна или како што вели Горан „Не можете вие да барате од мене да не се чувствувам како дел на најдлабокиот и најстар свет, кога Хераклеја ми е дома, кога Охрид ми е дома, кога Виа Игнација, единствениот автопат што постоел во Европа меѓу 5 и 15 век, минувал покрај куќата на баба ми во Битола. Не може баш сè да е кај вас, а баш ништо да не е кај нас.“
Верувам дека мојот замислен Горан кој беше дел од публиката, на крајот ракоплескаше со солзи во очите, и среќен и спокоен си замина дома, порачувајќи ни да не замислуваме, туку да направиме место за нов свет.