„Record Store Day 2024“ во „Буква“ по повод интернационалниот Ден на независните музички продавници

„Буква“ и „Корпус Деликти“ идната сабота (20 април) од 12 до 17 часот ќе организираат дневно дружење пред „Буква“ по повод интернационалниот Ден на независните музички продавници (International Record Store Day).

„Овој интернационален ‘Ден на независните музичките продавници’ во светски рамки се одржува од 2007, а овде во Македонија, таа убава традиција годинава ќе ја организираме по седми пат. Ние започнавме во 2017 година. Следејќи го генералниот концепт на прославата и ‘Record Store Day Macedonia 2024’ има свој ‘Ambassador’, промотер на овој настан. Оваа чест, во светски рамки секогаш е наменета за музичари, кои со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија (пред сѐ винилите) како доминантни носачи на звук и на овој или оној начин несебично го подржувале опстојувањето на малите музички продавници. Водејќи се од овие основни начела, честа да биде македонски Амабасадор на овогодишниот македонски ‘Record Store Day’, постхумно му ја доделуваме на Мирко Попов (ПМГ Колектив, PMG Recordings……). Иако планиравме сосема поинакво доделување на оваа награда, заедно да прославиме со Мирко, ете ….тој си замина без неа. Неговото име, во изминативе 7 години, се појавува испишано на 13 винилни изданија и на повеќе од 300 други формати (ЦД и дигитални објави), како издавач или автор, издадени во Македонија, Европа и светот. Тоа го прави еден од малкумината македонски музичари/издавачи кои со своето творештво имаат оставено печат на 10 или повеќе музички изданија, објавени на винил (албуми, синглови или компилации). Само за потсетување, во 2017 година оваа почест му беше укажана на Васко Атанасоски, во 2018 на Влатко Стефановски, во 2019та на Стојче Цветановски, во 2021та на Александар Петрушевски-Пепе, во 2022ра Горан Трајкоски и изминатата година Ивица Димитријевиќ. Во 2020, поради корона кризата, настанот не се организираше“, велат организаторите.

Годинава, по седми пат, велат тие, на интернационално ниво се промовира уште една почест, „Worldwide Record Store Legend“, за страсно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук (пред сè на винилот) и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници. Сметаат дека кај нас, честа да биде промовиран во нова македонска „Worldwide Record Store Legend“, треба да му припадне на Бојан Чакра, како што велат „еден од најголемите и најстраствени џез колекционери во Македонија“.

Во изминативе шест години оваа почест ја добија Васја Ивановски (2017), Владимир Мандичевски-Манде (2018), Бранислав Димитров-Бране (2019), Гордан Калајџиев (2021), Љупчо Јолески (2022) и Младен Најдоски (2023). Во 2022ра, за првпат, овде локално во Македонија, започнавме со доделување и на едно специјално признание на пионерите на Македонската рок музика, луѓето кои го воведувале винилот како медиум за траен запис на нивната музичка фасцинација. На македонски ‘Record Store Day 2022’, тоа признание (Пионери на винилот) го доделивме на ВИС БЕЗИМЕНИ, односно на музичките легенди браќата Зоран и Димитрија Павловски (Зоко и Денки), на Ѓорѓи Костадинов (Џоле), Румен Ќамилов и Армен Сурмејан. Следната, 2023 година, ова признание го доделивме на групата ENIGMA од Дебар, односно браќата Мимидиноски (Кенан и Зинче) како прв бенд кој доаѓа од внатрешноста на државата а својата музика ја ставил на носач на звук – винил. Во оваа пригода, оваа награда ќе ја доделиме на МИЗАР односно нивниот лидер во сите изминати 43 години на постоење – Горазд Чаповски. МИЗАР се првиот македонски рок бенд кој ибјавува самостоен албум на винил, во целост отпеан на македонски јазик, во далечната 1988 година. Ете, 36 години од овој настан, повторно ја споменуваме оваа плоча……а некаде помеѓу овие временски рамки, се наредени уште повеќе од 300 винилни изданија на кои е забележан македонскиот рок сигнал. НИЕ сме им сериозно должни на оваа генерација на музичари, а ова признание нека биде само симболичен почеток на ера на признанија кои НИЕ но и државата, ќе ги адресира до нив… СОЗДАВАЧИТЕ на урбаниот македонски музички идентитет“, стои во најавата за настанот.

Целиот славенички настан ќе биде поддржан со DJ сетови на Chima, Indog, Stem, Ishjan Twin, NiKoj & Jojo.

„Истовремено ја користиме и можноста за повик кон сите македонски издавачи да изнесат дел од своите изданија на продажба, на обезбедените пунктови на платото пред ‘Буква’. Доволно е само да се најавите“, валат од „Буква“ и „Корпус Деликти“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни