Речиси 40 отсто од новозаболените со рак кои имаат над 30 години во САД и речиси половина од смртните случаи можело да бидат спречени со промени во однесувањето, покажува новата студија на Американското здружение за рак.
„Има работи кои луѓето може да ги променат во начинот на живот и да го намалат ризикот од рак“ вели д-р Ариф Камал.
Најголем ризик фактор било пушењето, кое придонесувало за речиси 1 во 5 случаи на рак и за речиси една третина кај тие кои починале од рак. Останатите ризик фактори вклучуваат прекумерна телесна тежина, консумирање на алкохол, физичка неактивност, лоша исхрана и инфекции како ХПВ.
Истражувачите анализирале 18 ризик фактори за преку 30 видови на рак. Во 2019 година, овие фактори биле поврзани со повеќе од 700 илјади нови случаи на рак во САД и со преку 262 илјади смртни случаи.
Ракот расте поради оштетувањето на ДНК или бидејќи има извор на гориво и енергија, вели д-р Камал. Другите работи кои влијаат се генетиката или факторите од животната средина, кои може да ги создадат тие услови, но податоците покажуваат дека значителен број од случаите на рак и смртноста е поради други фактори. Изложеноста на сонце може да ја оштети ДНК и да доведе до рак на кожата, на пример.
„Со ракот често мислиме дека немаме контрола. Луѓето мислат дека е лоша среќа или лоша генетика, но треба да прифатиме дека имаме контрола и удел“ вели Камал.
Одредени видови на рак може да се спречат повеќе од други, а според истражувањето, испитуваните ризик фактори придонеле за повеќе од половина новозаболени со 19 од 30 видови набљудувани видови на рак.
Ризик фактор кој најмногу придонесувал за нови случаи на рак е пушењето, кај 104 илјади случаи кај мажите и 97 илјади случаи кај жените кои биле следени во истражувањето. Вториот ризик фактор кој најмногу придонел е прекумерната телесна тежина која придонела за појава на рак кај 5 отсто од новите случаи кај мажите и дури 11 отсто кај жените.
Според лекарите и истражувачите промените во однесувањето – откажувањето од пушењето, здравата исхрана и вежбањето може да направат драстична промена во борбата против ракот, но и со хроничните болести како срцеви заболувања и дијабетес.