Речиси една третина (31%) од возрасните луѓе во светот, или околу 1,8 милијарди луѓе имале физичка активност под препорачаното ниво во 2022 година, покажуваат податоците на Светската здравствена организација. Податоците покажуваа тренд на намалена физичка активност помеѓу возрасните.
Доколку овој тренд продолжи, нивото на неактивност се проектира да порасне на 35 отсто до 2030 година. Светската здравствена организација сугерира околу 150 минути умерена активност или 75 минути поголема активност неделно. Физичката неактивност, од друга страна, носи поголеми ризици за кардиоваскуларни заболувања како срцеви и мозочни удари, дијабетес, деменција, како и рак на гради или дебело врево.
Истражувањето беше спроведено од СЗО и објавено во „Lancet Global Health“.
„Овие нови откритија ја истакнуваат изгубената можност за намалување на ракот и срцевите заболувања и подобрување на менталното здравје и благосостојба преку зголемена физичка активност“, рече д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО. „Мораме да ја обновиме нашата заложба за зголемување на нивото на физичка активност и да дадеме приоритет на храбрата акција, вклучително зајакнати политики и зголемено финансирање, за да го смениме овој загрижувачки тренд“.
Највисоко ниво на физичка неактивност е забележно кај побогатите семејства во регионот на азиски Пацифик, околу 48%, како и во Јужна Азија (45%).
Забележливи се и разлики во нивото на физичка активност помеѓу родовите, но и возраста. Физичката неактивност се уште почеста кај жените, на светско ниво, споредено со мажите, па на пример, неактивноста кај жените е 34 отсто, додека кај мажите е 29. Во некои земји, оваа разлика е и до 20 отсто. Дополнително, возрасните луѓе над 60 години се помалку активни од останатите возрасни и покрај препораките за промоција на физичка активност кај повозрасните.

„Физичката неактивност е тивка закана за глобалното здравје, што значително придонесува за појавувањето на хроничните болести“, рече д-р Рудигер Крех, директор за промоција на здравјето во СЗО. „Треба да најдеме иновативни начини да ги мотивираме луѓето да бидат поактивни, земајќи ги предвид факторите како возраста, околината и културното потекло. Со тоа што физичката активност ќе биде достапна и пријатна за сите, можеме значително да го намалиме ризикот од незаразни болести и да создадеме поздрава и попродуктивна популација“.
Сепак и покрај загрижувачките резултати, постојат одредени подобрувања во некои земји. Студијата покажа дека речиси половина од земјите во светот имаат некакво подобрување изминатата деценија, а 22 земји се идентификувани како можни локации каде што ќе се постигне целта за 15% неактивно населени до 2030 година, доколку продолжи моменталниот тренд.
Во насока на овие наоди, СЗО ги повикува земјите да ја зајакнат имплементацијата на политики за промовирање и овозможување физичка активност во заедниците, како и отворање на можности за алтернативен транспорт, со пешачење или велосипед.
„Промовирањето на физичката активност оди подалеку од промовирањето индивидуален избор на начин на живот – тоа ќе бара пристап од целото општество и создавање средини што ќе овозможат да биде полесно и побезбедно за сите да бидат поактивни на начини на кои уживаат “, рече д-р Фиона Бул, раководител на Оделот за физичка активност на СЗО.
Од СЗО велат дека ќе бидат потребни колективни напори засновани на партнерства меѓу владите и невладините организации, како и зголемени инвестиции за да се допре до најмалку активните луѓе.