Стресот, притисокот и вознемиреноста на работното место ги навеле вработените да пијат повеќе во текот на изминатата година, покажуваат резултатите од истражувањето на британската организација „Alcohol Change UK“.
Дури 64 проценти од британските работници консумираат алкохол од причини поврзани со работата, според експертите од организацијата „Alcohol Change UK“ кои го спроведоа истражувањето, пренесува rts.rs. Количината на алкохол што ја пијат вработените е под влијание на стресот, притисокот и вознемиреноста што произлегуваат од работните ситуации. Анкетата, исто така, откри дека еден од пет работници пијат за да ги исполнат роковите, додека речиси 10 проценти чувствуваат притисок од нивниот шеф или колегите да пијат.
Добротворната организација што го спроведе истражувањето ги повика работодавците да размислат за тим билдинг и други социјални настани „без алкохол“, за да можат вработените да се чувствуваат вклучени.

„Не велиме дека воопшто не треба да одите во паб, дека не треба да пиете нешто по работа, туку само обидете се да бидете поинклузивни и да создадете поздрави, поинклузивни работни места, бидејќи не секој пие алкохол од различни причини“, изјави Џејн Гардинер од „Alcohol Change UK“ за „Скај њуз“.
Патрик Фокс е поранешен банкар кој престанал да пие во 2018 година откако со години уживал во излегувања што вклучувале консумирање алкохол. Тој за „Скај њуз“ изјави дека колегите често го притискале да пие и дека излегувањата на крајот го чинеле романтична врска.
„Излегував да пијам во четврток и петок по работа. Честопати тоа се повторуваше и за време на викендот. Па се чувствував прилично ужасно во недела попладне и се плашев да одам на работа во понеделник“, објаснува Патрик, додавајќи дека има толку многу различни бизниси каде што алкохолот е централен дел од вежбите за тим билдинг, што го зголемува притисокот врз вработените да бидат дел од екипата за пиење.
Се проценува дека отсуството од работа поради консумирање алкохол предизвикано од околности на работното место ја чини англиската економија дури четири милијарди фунти (4,6 милијарди евра) годишно.
Сепак, бројот на возрасни лица во Велика Британија кои пијат алкохол се намали во последниве години. Според најновите податоци, 56 проценти од возрасните изјавиле дека пиеле алкохолен пијалок во 2022 година, што е зголемување во споредба со 61 процент во 2012 година.
Според „Скај њуз“, генерацијата Z консумира значително помалку алкохол, а периодите на апстиненција како јануари без алкохол (Сув јануари) станаа почести, а пијалоците без алкохол или со ниска содржина на алкохол стануваат сè попопуларни.
Извор: N1