Новото истражување на речиси 12 илјади луѓе во 12 европски земји ги открива најдобрите и најлошите земји кога станува збор за пушењето дома.
Англија е на врвот на листата со речиси 85 отсто од домовите без чад од цигари. По неа следат Ирска, Латвија и Италија. Околу просекот од 70,2%, се движат Португалија (74%) и Полска (69,6%). На дното на оваа листа е Грција каде 44,4% од домовите мирисаат на чад од цигари.
Според наодите од истражувањето коишто беа објавени во ERJ Open Research, списание на Европското респираторно друштво, во домовите без чад од цигари, вообичаено живееле луѓе на возраст од 65 и повеќе години, жени, лица со високо образование и оние коишто живеат со деца.
Иако од 2004 година, многу европски земји воведоа забрани за пушење во јавните простори кафулиња и ресторани, сепак приватните објекти, особено домовите и понатаму се чести локации за пушење.
Пасивното пушење, односно вдишувањето на чадот од цигари, е ризик фактор за појава на рак на белите дробови и срцеви заболувања, односно истите болести на коишто се изложени и пушачите. Изложеноста на чад од цигари кај бремените жени може да предизвика предвремено породување, додека децата се изложени на поголем ризик од проблеми со дишењето, астма и алергии.