Реакција на општина Охрид на ревизорскиот извештај

Општина Охрид реагира на критиките од Охрид СОС појаснувајќи дека е започната имплементација на препораките.

По реакцијата на граѓанската иницијатива Охрид СОС, која оцени дека Општина Охрид ја релативизира сериозноста на наодите од Ревизорскиот извештај на ДЗР, од локалната самоуправа излегоа со соопштение во кое ги појаснуваат своите ставови.

Од Општина Охрид наведуваат дека ревизорскиот извештај опфаќа период од 2019 до 2024 година и претставува сеопфатна анализа на работењето на локалната самоуправа во сите сектори, во рамки на повеќе мандатни периоди, а не исклучиво на актуелната локална власт. Според Општината, дел од утврдените слабости се резултат на долгогодишни практики и наследени состојби кои се создавале со години.

Во соопштението се истакнува дека по приемот на извештајот веднаш е започната имплементација на препораките на ДЗР, преку дефинирање конкретни мерки, рокови и одговорни лица, со цел унапредување на финансиското, административното и институционалното работење. Од Општината нагласуваат дека треба да се прави разлика меѓу ревизорски забелешки и препораки, при што, како што посочуваат, ДЗР има дадено препораки во неколку сегменти од работењето.

Во однос на проблемот со дивоградбите, Општина Охрид повторува дека станува збор за долгогодишен и комплексен проблем кој не е создаден во текот на актуелниот мандат. Локалната самоуправа наведува дека не поддржува и нема да поддржи незаконско градење и дека сите активности се насочени кон воспоставување ред, заштита на јавниот интерес и зачувување на природното и културното наследство на Охрид.

Општината, исто така, демантира дека во моментов има постапување од страна на Основното јавно обвинителство, појаснувајќи дека доставувањето на ревизорскиот извештај до ОЈО е законска обврска на ДЗР и редовна процедура. Се додава дека општинската администрација стои на располагање за обезбедување на целокупната документација доколку тоа биде побарано од надлежните органи.

Од Општина Охрид оценуваат дека селективното и сензационалистичко прикажување на делови од извештајот не придонесува кон објективно информирање на јавноста и потенцираат дека ќе продолжат транспарентно и навремено да ја информираат јавноста за сите преземени активности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни