Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, реагираше на пресудата за Мари Ле Пен со објава на социјалната мрежа X (поранешен Twitter) со порака „Je suis Marine!“ (Јас сум/ ја поддржувам Марин).
Орбан на тој начин изрази поддршка за лидерката на француската крајна десница откако францускиот суд ја прогласи Ле Пен за виновна.
Италијанскиот министер за транспорт и заменик-премиер, Матео Салвини, кој исто така е сојузник на Ле Пен, ја нарече пресудата „лош филм“ и „објава на војна од страна на Брисел“. Салвини, како и Орбан, ја критикуваше Европската Унија.
„Оние кои се плашат од пресудите на избирачите, често наоѓаат сигурност во пресудите на судовите. Во Париз ја осудиле Марин Ле Пен и сакаат да ја исклучат од политичкиот живот. Лош филм кој го гледаме и во други земји како Романија. Оваа пресуда против Мари Ле Пен е објава на војна од страна на Брисел, во време кога војничките импулси на Фон дер Лајен и Макрон се застрашувачки. Нема да се исплашиме, нема да застанеме: со полна брзина напред, пријателке!“ напишал Салвини.
Лидерот на Националното собирње, Џордан Бардела, ја нарече пресудата „погубување на француската демократија“.
„Денес не е само Мари Ле Пен таа која е неправедно осудена: француската демократија е таа која е погубена“, напишал Бардела во објава на социјалните мрежи.
Да потсетиме, францускиот суд денес ја прогласи Мари Ле Пен за виновна, забранувајќи ѝ да се кандидира за јавна функција, а оваа забрана веднаш ќе стапи на сила. Забраната е поставена на пет години, што значително ја отежнува, ако не и целосно го задушува планот на Мари Ле Пен да се кандидира на претседателските избори 2027 година, на кои според раните анкети има големи шанси за победа.
Ле Пен има право на жалба, но е одлучено дека забраната за кандидатура ќе стапи на сила веднаш.