Реакција на Хелсиншки комитет на апелот од Министерството за здравство

,,Иако заштитата на приватноста и достоинството на пациентите е од голема важност, состојбата и условите во кои се лекуваат жртвите од оваа трагедија е највисок јавен интерес. Апелите што имаат за цел да ограничат медиумско покривање во вакви ситуации се проблематични и претставуваат потенцијален обид за институционално ограничување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана.”

Хелсиншки Комитет за човекови права испрати реакција по повод апелот на Министерството за здравство до медиумите да не ги снимаат или фотографираат пациентите кои се лекуваат во болницата во Кочани, откако беа повредени во пожарот во дискотеката ,,Пулс”. Ја пренесуваме интегрално целата реакција.

Против институционален притисок врз медиумите – за слобода на информирање

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува сериозна загриженост поради апелот на Министерството за здравство до медиумите да не ги фотографираат или снимаат пациентите кои се лекуваат во болницата во Кочани, откако беа повредени во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.

Иако заштитата на приватноста и достоинството на пациентите е од голема важност, состојбата и условите во кои се лекуваат жртвите од оваа трагедија е највисок јавен интерес. Апелите што имаат за цел да ограничат медиумско покривање во вакви ситуации се проблематични и претставуваат потенцијален обид за институционално ограничување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана.

Со тоа Министерството ризикува да воспостави штетна пракса која може да води кон цензура и самоволни ограничувања на медиумската работа. Ја потсетуваме институцијата дека новинарската етика и професионалните стандарди се предмет на саморегулација и дека за овие прашања се надлежни телата како Советот за етика во медиумите и Судот на честа при Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Член 16 од Уставот на Република Северна Македонија гарантира слобода на изразување, како и забрана на цензурата. Вакви инструкции што доаг аат од државни институции, дури и кога се претставени како апели, можат да се сфатат како форма на институционален притисок.

Хелсиншкиот комитет апелира до Министерството за здравство да се воздржи од наметнување на неформални ограничувања врз работата на медиумите и ги охрабрува новинарите да продолжат да известуваат професионално, етички и со чувствителност кон жртвите – но и со јасно чувство за одговорност кон јавниот интерес.

Демократијата се темели врз транспарентност и слободно и критичко информирање. Затоа, секој обид за ограничување на тие принципи претставува закана за правата и слободите на сите граѓани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни