Ви ја пренесуваме во целот реакцијата на Фронт 21/42 во однос на дивоградбите во Охрид:
„На ридот во Горица, на местото на некогашната борова шума макотрпно посадена од локалното население во шеесеттите години на минатиот век, забрзано се гради хотелскиот комплекс на Дивелоп Груп – со незаконско одобрение за градба, издадено без оцена на влијанието врз животната средина, дури и без одобрен елаборат; и покрај фактот дека во Планот за управување со светското наследство е посочен како закана; со целосно игнорирање на одлуката на Комитетот за светско наследство, со која уште пред да почне градбата УНЕСКО побара стопирање на активностите и одлуката на Бернската конвенција, со особена загриженост за овој проект; врз основа на урбанистички план кој општината беше должна да го измени.
Долгата листа на прекршувања на Законот за градење, Законот за општа управна постапка, Законот за животна средина, Законот за управување со светското наследство, Законот за инспекциски надзор, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори, Бернската и Конвенцијата на УНЕСКО, а со тоа и на Уставот, деновиве се прошири и со прекршување на Законот за постапување по претставки и предлози, од страна на Кабинетот на премиерот, Владата и градоначалникот на Општина Охрид. Имено, ниту една од овие институции не постапи во законскиот рок по претставката со која 25 организации алармираа за беззаконието поврзано со овој хотел и побараа негово отстранување. Од Кабинетот на премиерот информираа дека претставката е проследена до Општина Охрид и МЖСПП, а од Генералниот секретаријат на Владата (во која влегува и МЖСПП) ја проследија до Општина Охрид. И премиерот и Владата целосно ги игнорираа сопствените законски обврски наведени во претставката. Од Општина Охрид, како и многу пати до сега – организациите добија молк.
Не изреагираа ниту пратениците, ниту вицепремиерот за добро владеење и транспарентност, кои добија копија од претставката. Случајот уште во март беше поднесен и до Сржавната Комисија за спречување на корупцијата – до сега и од таму нема никаква одлука.

Хотелскиот комплекс во Горица се гради со свесно кршење на сите релевантни закони од страна на сите надлежни институции
Продолжува и уништувањето на Студенчишко блато – покрај незаконскиот урбан комплекс, кој се развива на незаконски приватизирано државно земјоделско земјиште, во периодов се припрема огромен терен за некоја нова градба. За оваа локација Фронт 21/42 испрати пријава до ДИЖС уште во април 2023 година, кога на терен имаше еден багер и релативно мал ископ на земја – одговорот беше дека наводно сопствениците на нивите направиле насип за да ги заштитат истите од вода која надоаѓа. Во меѓувреме „заштитата“ од водата продолжи да се шири и денес е јасно дека се расчистува терен за нова градба, некои чаршиски муабети велат ќе се гради бензиска пумпа (!)

Незаконски урбан комплекс во Студенчишко блато на незаконски приватизирано земјоделско земјиште, овозможен со законски прекршувања и кривични дела на вработени во надлежните институции

Големо расчистување на теренот во рамки на Студенччишко блато – едно од многуте законски прекршувања со кои неповратно се уништува светското наследство
Безмилосно континуирано се уништува и Националниот парк Галичица – дивоградбите се вообичаена појава, редовно проследена со одлуки за нивна легализација на Советот на општината, или нов урбанистички план скроен за нивно „легално“ вклопување. Еден од многуте примери е хотелот дивоградба кој забрзано никнува во селото Рамне. Истовремено, веќе е најавен урбанистички план за селото, кој можеби по некоја случајност ќе предвидува хотел токму на локацијата на дивоградбата? Инаку кој би се осмелил да инвестира во дивоизграден хотел, кој сигурно би бил срушен ако живеевме во држава во која институциите ги спроведуваат законите?

Хотел дивоградба во Рамне, НП Галичица, со вила дивоградба над него
За разлика од очигледната посветеност на институциите кон урбанизацијата, вклучително и криминалната урбанизација (незаконско градење е кривично дело), свеста и одговорноста за заштита и рехабилитација на светското наследство се сосема друга приказна. Од 43 итни активности, кои според Стратегискиот план за рехабилитација на Охридскиот Регион требаше да бидат спроведени најдоцна до 01.02.2025 година, спроведени се само 4, од кои само 1 е суштинска активност – изработка на физибилити студија за состојбата на вредностите на наследството, за која беше одговорен меѓународен тим на експерти, со поддршка од УНЕСКО.
За нашите институции Стратегискиот план за рехабилитација е куп хартија чија единствена улога беше да демонстрира „загриженост и посветеност“ пред УНЕСКО. Според овој план, Генералниот секретаријат требаше одамна да формира посебно работно тело за мониторинг на спроведувањето и да креира потстраница на интернет страницата на Владата за транспарентно известување и следење на напредокот на реализацијта. Општина Охрид требаше најдоцна до почетокот на оваа година да усвои одлука за прекин на сите урбанистички планови и акти со кои се дозволува урбанизација во рамки на Студенчишко блато, одлука за забрана на стални и/или привремени објекти на плажите и кај патеката покрај блатото, одлука за забрана за спроведување на сите усвоени урбанистички планови и усвојување на нови урбанистички планови со кои се овозможува урбанизација во рамки на Рамсар подрачјето, да ги отстрани сите постојани и/или привремени градби од 50 м. крајбрежен појас, Студенччишко блато и Св. Наум. За сите овие обврски Фронт 21/42 исто така поднесе претставки до надлежните – со истиот нула исход како и претставката за незаконскиот хотел во Горица.
Пред неполн месец Бернската конвенција испрати писмо со последната одлука на Бирото за отворениот случај за Охридското Езеро и НП Галичица. По кој знае кој пат конвенцијата побара сериозен пристап од државата и спроведување на сите точки од одлуката 221 (2023). Бернската конвенција исто така побара МЖСПП да објасни зошто и понатаму издава Решенија за услови за планирање на просторот, со кои се овозможува понатамошна урбанизација на подрачјето – два дена по приемот на писмото МЖСПП издаде две нови Решенија за услови за планирање на просторот за територијата на општина Струга.
За неполн месец Комитетот за светско наследство ќе расправа по трет пат за впишување на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност. Ни останува само да се надеваме дека овој пат на членовите од Комитетот ќе им биде доста од празните изјави на нашите политичари за загриженост и посветеност кон наследството. Реалноста недвосмислено покажува дека немаат свест за вредностите на светското наследство, ниту одговорност кон идните генерации на кои безмилосно им го одземаат највредното природно и културно богатаство во земјата и им ги уништуваат сите шанси за одржлив економски развој базиран на заштита на вредностите. Можеби впишувањето во оваа листа ќе спречи една од првите населби на европската цивилизација, некогашниот културен центар на Византија, колевката на словенската писменост и светското наследство на Југославија – за секогаш да се трансформира во дувло на корупција и криминал од страна на современа Македонија.“
Фронт 21/42