Второто издание на младинскиот фестивал „РЕ-КУЛТУРА“ се случи на 26 и 27 септември во скопските кафе-книжарници „Буква“ и „Илика“. Без сомневање, еден од најубавите настани за Скопје годинава, полн со ентузијазам, дух, заедништво и креативност обединети околу алтернативната уметничка сцена и желбата за град кој живее. Викендов, за момент, повторно беше убаво да се живее во Скопје и јасно да се чуе дека на младите овде им е гајле, тие преку уметноста и активизмот ќе ги бараат промените и нема да престанат да веруваат во нив. Бројни активности беа дел од шаренило полно суштина кое „Култура Бета“ го организираше со донации од заедницата.

Концерти, промоции, дискусии и многу разговори – сѐ во насока на уметникот, ангажираноста и она што му се случува на општеството денес. Атмосферата на возбуда и на радост во препознавањето на заедничкото беше важна овие денови за сите, бидејќи го разбуди духот на пркос кој се артикулира гласно од младите генерации и испраќа порака дека нема заборавање и откажување. Ниту дека тие ќе престанат да читаат, да истражуваат, да сонуваат и да бараат подобар живот овде. Процесите се бавни и сложени, но ова издание на фестивалот покажа дека не е точно дека овде никому не му е гајле.

Тргнувајќи од одличната дискусијата за ангажираноста и уметноста, промоцијата на младинското списание ,,Тригер’’, новата стихозбирка на Андреј Медиќ Лазаревски и воопшто целокупниот напор овој фестивал со минимални ресурси да се одржи пак, Скопје овие денови за момент се засолни од неубавите вести кои го следат долго. Се засолни во младешката надеж и потреба за промени. Тие, сега ни се потребни повеќе од кога било. Тие постојат дури и за оние кои не веруваат во нив и во нивното артикулирање. Повикуваат на поддршка на независната култура и стојат рамо до рамо со општествените болки.

Овие денови Скопје одново мирисаше на верба во нешто подобро поттикната од креативноста и полетноста на ентузијасти уметници. И во воздухот се почувствува колку на сите ни недостасува тоа. Таа повика на меѓугенерациска уметничка соработка преку поетскиот настан „Се читаме“, таа не заборави да покаже колку ни е важен танцот како дел од бунтот со сите учесници на музичката програма, таа исто така беше јасна и конкретна преку работилницата за сириска протестна музика и сите останати случувања кои беа дел од сложувалката оваа година.

Најдобриот дел за фестивалот годинава е тоа што тимот тематски поентираше со програмата. Ова младинско збиднување нема огромни средства, ниту некаква институционална поддршка, ниту каква било друга голема позадина. Има само вредни млади луѓе кои препознаа дека е време, да се зборува за општеството кое се соочува со безброј проблеми, преку една сеопфатна и широка програма која опфаќа различни аспекти. Тој овие денови се изразуваше со различни креативни алатки и форми, но се држеше до идејата колку е важно токму сега да се поврзат активизмот и уметничкото делување. Тимот покажа дека должност е да не се зборува кога светот околу нас го бара тоа, а истовремено, тоа да биде дел од обид за поттикнување на еден нов бран младинска критичка култура за кој многумина сметаат дека веќе го нема во Скопје и земјава.

Фестивалот „РЕ-КУЛТУРА“ покажа дека сепак, уште имаме сила за одново градење на силен креативен дух кај најмладите генерации кој не може и нема да биде изгасен заедно со критичноста. И покрај тешкотиите и предизвиците, оваа земја и градот имаат млади кои ќе бидат носители на пркосот токму преку нивната уметност, и тоа по долго време , навистина е вест која на сите ни беше потребна да ја чуеме. Верувам дека сите кои беа дел од ова алтернативно збиднување, ќе го очекуваат и новото издание со многу радост и возбуда.
