Голем број жртви и разурнати села во Пакистан
Портпаролот на итните служби во провинцијата Кајбер Пахтунхва, Мохамед Сухејл, соопшти дека во Бунеp биле пронајдени 78 тела до пладне во петокот, а уште 79 биле извлечени од урнати куќи и поплавени села во текот на денот.
„Бројот на жртви може да се зголеми, бидејќи сè уште бараме десетици исчезнати,“ изјави Сухејл.
Според државните податоци, бројот на загинати од дождови и поплави во Пакистан од 26 јуни досега се искачи на 556 лица.
Хеликоптерска несреќа при доставување помош
Во Бајаур, хеликоптер со хуманитарна помош се урнал поради лошо време, при што загинале сите пет лица во него.
Облачните удари – сè почеста закана
Силните и краткотрајни поројни дождови, познати како облачни удари (cloudbursts), стануваат сè почести во Хималајскиот регион на Индија и северните делови на Пакистан. Експертите предупредуваат дека климатската криза го зголемува интензитетот на овие врнежи, а неурбанистичкото градење во планините ја зголемува штетата.
Итна состојба во Бунеp
Властите прогласија вондредна состојба во Бунеp, каде поплавите уништија куќи и однесоа возила. Спасувачите со чамци и хеликоптери се обидуваат да стигнат до заглавените жители.
Слично сценарио во Индија – десетици загинати во Кашмир
Во индијскиот Кашмир, силен облачен удар во селото Чосити однесе најмалку 60 животи, а десетици лица сè уште се водат за исчезнати.
Поплавите однесоа дел од инфраструктурата поставена за годишното хинду поклонение во планински храм, како и заедничката кујна со над 200 луѓе во моментот на надоаѓањето на водата. Илјадници поклоници беа евакуирани.
Истражувањата предупредуваат
Според студија на World Weather Attribution, врнежите во Пакистан во периодот од 24 јуни до 23 јули биле за 10-15% поинтензивни поради глобалното затоплување.
Облачните удари претставуваат сè посериозна закана за регионот. Експертите повикуваат на подобро планирање, рано предупредување и ограничување на градењето во ризичните подрачја за да се намали бројот на жртви и материјалната штета.