Скопје, град со две илјади годишна историја, претставува жив музеј на архитектонски стилови и урбанистички решенија. Неговата архитектонска палета е разновидна, од османлиски карактеристики и постземјотресен брутализам до модерни згради кои го обликуваат современиот урбан пејзаж. Во ова интервју, разговараме со Мишко Ралев, реномиран архитект и дел од професорската катедра на факултетот за архитектура во рамките на УАЦС. Со него ги анализираме клучните моменти во развојот на градот, од катастрофалниот земјотрес во 1963 година до денешните урбанистички предизвици. Преку неговите визии и професионални искуства, ќе се обидеме да го разбереме минатото, сегашноста и иднината на Скопје, и да откриеме што го прави овој град уникатен.
Трн: Како го гледате развојот на Скопје низ годините, особено во контекст на архитектурата и урбанистичкото планирање?
Мишко: Скопје е град со долга историја која се протега низ повеќе од два миленијума. Но, контекстот на поводот за овој разговор не наведува да се осврнеме на последните децении од минатиот век и првите од овој 21 век кои се значајни за развојот на градот и се своевиден пресврт анализирано од многу аспекти. Секако дека е значаен и периодот помеѓу двете светски војни кој претставува еден вид транзиција помеѓу ориенталното наследство и новите европски влијанија во урбанизмот и архитектурата, значењето на архитектот Јосиф Михајловиќ кој бил и негов градоначелник и работата на неколку значајни архитекти од Југославија во претставувањето на модерната архитектура во првата половина на 20-от век преку неколку значајни објекти од различна типологија.
Трн: Со оглед на тоа што се навршуваат 61 година од катастрофалниот земјотрес, како гледате на изградбата и обновата на Скопје од тој период до денес?
Мишко: Aкцелерацијата на урбаниот развој на Скопје за жал е резултат на разорниот земјотрес од 1963 година, кој покрај човечките жртви предизвикал уништување на околу 80% од зградите. Постземјотресната обнова на градот е веќе историски настан, феномен дотогаш непознат во светот на глобална, солидарна и организирана помош водена од ООН не само во амортизирање на разорувачките ефекти на земјотресот, туку и поставување на идните правци на развој на новиот град преку планови и проекти изработени од најстручните тимови како од источниот така и од западниот политички блок. Овој неверојатен потфат е резултат на улогата на Југославија и нејзината значајна политичка улога во тогашниот поделен свет и нејзините авторитетни претставници во Обединетите нации во тоа време.
Така што тие ќе изјават дека светот сега очекува дека обновеното но новото Скопје да стане град модел, кој иако се гради во сегашноста треба да е функционален и за во иднината. Секој помалку елоквентен резултат од работата направена од раководството на Обединетите нации ќе покаже дека е потрошена голема шанса и дека за доброто на светот, Скопје мора да биде не само град за живеење, туку и споменик на надежта во подобар свет. Со работата на тимовите на Доксијадес, Циборовски и Танге, придружени од домашни експерти се обликува новиот град со сите атрибути на административен, културен, едукативен и индустриски центар на тогашната федерална единица СР Македонија. Во неверојатно краткиот периодот од 15-20 години се планираа, проектираат и градат најголемиот број на станбени, административни, културни и едукативни објекти чиј квалитет од аспект на урбанистичко архитектонски карактеристики не заостануваат од моменталните европски и глобални квалитети. Целиот овој зафат завршува во текот на 80-тите години на 20 век, со можеби најкомплексниот последен проект – населбата Аеродром.
Но, тука беше и крајот на како што некои го нарекуваа „експерименталниот“ општествено-политички систем што сепак донесе и бројни придобивки: суштинската индустријализација и урбанизација на земјата, социјалната сигурност и значително зголемување на квалитетот на животот на граѓаните, како и нивото на културна слобода доволно за да се овозможи развој на целосно автентични и меѓународно релевантни културни практики.
Со почетокот на 90-тите години доаѓа и постсоцијалистичкиот период во развојот на градот како физичка и општествена структура, при што со воспоставување на неолибералниот политички модел идејата за градот како колективен потфат беше напуштена а се тврдеше дека архитектурата и градот треба да се формираат низ процесот на остварувањето на индивидуалните права и интереси.
Од социјалистичкиот период Скопје наследи голем дел од постоечкото урбано ткиво, голем дел од станбениот фонд и зградите на образовните институции, културните установи или болници. Станбените населби сè уште се социјално хетерогени со многу мали незабележлиови исклучоци. Но, сепак како резултат на пројавениот национализам се појавија регресивни тенденции како критика на социјализмот при што модерните згради добија негативна конотација. Иако резултатите од социјалистичката урбанизација продолжуваат да се користат сепак идејата за урбан развој во корист на јавното добро беше тотално депласирана.
Почетокот на на дветдесетите години или крајот на 20 век покажа дека јавното добро како да е во спротивност со приватната сопственост, а индивидуалната бенефиција стана крајна цел на урбанистичките и архитектонските манипулации со просторот на градот. Теоретското образложение на овој сега „контра феномен“ е стуткан во изразот „град во постсоцијалистичка транзиција“, за кој одредени автори ќе кажат дека е тоа лозинка за не секогаш легитимните ефекти од процесите на транзиција како што се приватизации, денационализација, распродажба и легитимни кражби. Но она што е јасно е дека Скопје од републички центар се трансформира во државен центар и почнува стихијно да се менува преку се повеќе политички решенија кои манипулираат со експертската и општата јавност со замглени или псеудо колективни цели што во голема мера во текот на првите децении од новиот век го нагризуваат урбаното ткиво на градот запоставувајќи ги наследените квалитети анатемисани со придавката „социјалистички“, што и да значи тоа.
Трн: Што би можело да се направи за да се зачува и подобри архитектонското наследство од тој период?
Мишко: Со тоа прашањето за зачувување на наследените квалитети е прашање на колективната култура на едно општество која не смее да биде фрагмeнтирана и подложна на дневно политички толкувања, туку континуитет кој ќе сведочи за автохтон културен и национален идентите. Но, за жал, не успеавме да изградиме цивилизиран однос не само кон веќе споменатото културно наследство од блиското минато, туку и кон подалечното со погрешни потези токму во стратегиите за урбан развој не само на Сkопје туку и на останатите градови во Македонија. Сепак, и покрај катастрофалните ефекти на делување во просторот на „градот во постсоцијалистичка транзиција“, веќе се појавува една нова генерација на експерти и мислители кои го истрaжуваат градот преку современи методи и актуелни глобални но и локални трендови во прогресивни стратегии за развој на Скопје.
Какво е вашето мислење за т.н. урбана мафија и како таа влијае врз развојот и архитектонскиот идентитет на Скопје?
Мишко: Тоа што денес го нарекуваме „урбана мафија“, „урбанистичка мафија“ или само „градежна мафија“секако дека во голема мера го дефинира просторот, формата и обликот на градот според некакви свои практики, било да се озаконети преку урбанистичките планови и проекти, но и во голема мера неозаконети, оправдувајќи ги со принципите на неолибералниот капитализам кој сите го баравме, нели? Тие се секогаш временски пред инертниот локален или државен естаблишмент кој наместо да ги превенира криминалите се бави со нивно амортизирање. Тука да ги споменеме законите за легализацина на бесправно изградените објекти кои никако да финишираат. Затоа се наметнува и прашањето дали само “урбаната мафија“ го креира урбанизмот или архитектурата или сме сите помалку вовлечени како сопственици, градители или архитекти, градоначалници и сите оние инволвирани во процесот на манипулирање со изградениот и неизградениот простор на градот.
Кој архитектонски правец сметате дека е најзначаен за иднината на Скопје и зошто?
Мишко: Теоријата на архиектиурата вели дека „измите“ веќе се далеку зад нас, а она што е актуелно е современото, како форма, облик, конструкција и секако материјализација во светлото на она што денес е најактуелно – климатските промени. Истите во голема мера ги редефинираат нормативите и стандардите не само во примената на материјалите туку и стратегиите за урбанистичкото планирање. Така што час поскоро треба да почнеме да размислуваме како да го решиме се поактуелниот проблем на „прегреаните градови“ и како да се спротивставиме на погубните ефекти на климатските промени како глобална закана за човештвото.
Трн: Дали брутализмот, кој е особено присутен во постземјотресното градење на Скопје, му донесе на градот посакуваниот европски ориентир?
Мишко: „Брутализмот“ станува доминантен стил и на домашните архитекти, посебно на седумина од нив кои како стипендисти на владата на САД студираа последипломски студии на водечки американски универзитети, за да по враќањето се вклучат во реконструкција на Скопје. Оттука зградите на новите училишта, гимназии, месни заеници и други управни згради се прават во овој стил. На тој начин Скопје ќе стане град со најмногу бруталистичка архитектура по квадратен километар во Европа, а можеби и во светот, и на тој начин ќе биде предмет на интерес на светските архитекти до денешен ден. Дури колоквијално ќе биде прогласен и за „Главен град на брутализмот“. Сепак, во градот беа изградени значаен број на згради со особен архитектонски израз како на ниво на содржинско-функционална организација така и на ниво на оригинална естетичност на физичката појавност, кои вклучуваат различни архитектонски јазици од висок модернизам и интернационален стил, се до реинтерпретација налокалните градбени традиции.
Трн: Како ја дефинирате убавината на Скопје? Што го прави градот уникатен според вас?
Мишко: Можеби неговата разноликост од секаков аспект е и неговата скриена моќ. Тоа секако се рефлектира и во неговите физички карактеристики како урбан и архитектонски идентитет. Но она што мене како архитект ме фасцинира е архитектурата на одредените згради кои и покрај бруталниот упад на политички наведувана кич архитектура и измислен урбанизам, или останаа да бидат корифеи на нашата севкупна култура или се само убав спомен кој ќе сепак ќе исчезне низ времето. Објективните толкувачи на архитектурата секогаш почнуваат и завршуваат со зградата како краен и единствен производ на комплексното неимарско делување од зачетокот на идејата, преку дефинирање на концептот, разработениот проект и самата изградба. Зашто текстот, цртежот и проектот се сеуште само замисли на облиците кои тек треба да дојдат. Само изградениот објект – зграда или куќа е недвосмислената слика на човековите идеи и вистински производ на неговите раце и неговото време. Во Скопје ги има доволно за да можеме да им се воодушевуваме, но и да се едуцираме и како експерти но икако интелектуалци кои треба да го чуваат и доградуваат националниот културен идентитет.
Трн: Што е потребно за да се подобри урбанистичкото планирање и архитектонскиот развој на Скопје во иднина?
Мишко: За да се подобри урбанистичкото планирање и архитектонскиот развој на Скопје потребно е да се изгради сеопфатна визија за неговиот развој. Вака само парцијално ги легализираме потребите на приватни центри на политичка и финансиска моќ занемарувајќи го јавниот интерес. Затоа, треба да формираме став – каков град сакаме, а тој став како фото робот треба им послужи на интердисциплинарните тимови во креирањето на новите планови. Визијата треба да е резултат на потребите и желбите на сите инволвирани страни, граѓаните, институциите, научните кругови, како би била што повеќе објективна и реална.
Трн: Кои се вашите лични и професионални предизвици како архитект во контекст на развојот на Скопје? Како ги надминувате тие предизвици?
Мишко: Иако низ различни форми се бавев и сеуште професионално се бавам со најразлични проекти од општествено значење, сепак мојата примарна професија е образовната. Тука во работата со студентите можам најдиректно да влијаам врз професијата. А како Декан на факултет имам можност да влијаам врз дефинирање на школата преку креирање на наставни програми секако во соработка со колеги со коисепак делиме генерално исти или слични погледи на архитектурата, урбанизмот и дизајнот. А ја имав и таа чест во периодот 2020 – 2023 да бидам и претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и при тоа директно да учествувам во формирање на критички однос преку формулирање на експертски ставови кон и за случувањата во сферата на архитектурата и урбанизмот, секако во соработка со колегите иод Упавниот одбор. Искуствата од ова делување се различни, некаде имавме успех, но некаде потфрливме, односно моѓните интересни групи сепак беа преголем предизвик.