Разговор со Дејан Дуковски на ФДУ: “Мора да дојде момент кога ќе кажеш – готово е“

Од „Балканот не е мртов“ и „Буре барут“, до „Маме му ебам кој прв почна“, „Друга страна“ и „Утерус“, драмите на Дуковски создаваат специфична театарска текстура исполнета со цитати, иронија, балканска стварност и силен општествен коментар

„Јас од студентски денови одам на Чернодрински. Првата моја награда ја добив на фестивалот и тоа ми беше многу важно тогаш”, вака зборуваше Дејан Дуковски вчера на средба со студентите од Факултетот за драмски уметности – Скопје, во рамки на програмата „Автор во фокус„, организиран од страна на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински„ – Прилеп и ФДУ.  Разговорот беше воден од проф. Д-р Ана Стојаноска, директорка на МТФ „Војдан Чернорински“. Оваа активност е дел од програмата на 60. издание на фестивалот што годинава ќе се реализира од 5 до 12 јуни во Прилеп.

Дуковски дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на Горан Стефановски. Уште од првите драмски текстови: „Балканска 3/a“ (1988), „Последниот балкански вампир“ (1989), „Силјан Штркот шанца“ (1991) и „Џинот и седумте џуџиња“ (1991), ја најавува својата препознатлива поетика. Неговото творештво ја носи во себе македонската драмска традиција, но истовремено ја преиспитува и ја трансформира, создавајќи моќен и автентичен театарски јазик кој директно комуницира со времето во кое живееме.

Од „Балканот не е мртов“ и „Буре барут“, до „Маме му ебам кој прв почна“, „Друга страна“ и „Утерус“, драмите на Дуковски создаваат специфична театарска текстура исполнета со цитати, иронија, балканска стварност и силен општествен коментар.

Вчера, на академската сцена на Факултетот за драмски уметности, студентите имаа можност непосредно да разговараат со Дејан Дуковски, поставувајќи прашања за неговиот креативен процес, инспирацијата и предизвиците во драмското пишување. Средбата се одвиваше во интерактивна атмосфера, со отворен дијалог во кој младите автори и идни театарски професионалци активно се вклучија со свои размислувања и дилеми, добивајќи директни одговори и совети од еден од најзначајните современи драмски автори.

Студент: Како пишуваш? Дали пишуваш секој ден или само во мигови на инспирација?

Дуковски: Во принцип, кога ќе имам идеја, имам малку процес на инкубација. Во последните години имам по некоја нарачка, малку е поконкретен мотивот. Тој период на инкубација, правам некакво истражување, читам, гледам слични дела. Потоа самиот процес на пишување трае додека не заврши, некогаш три, четири месеци, некогаш цела година, но самото пишување не е повеќе од пет, шест месеци. Пишувањето драми е препишување. Ќе препишуваш додека не стане како што треба.

Студент: Како доаѓате до таа финална верзија на драмата, дали некогаш постои сомнеж дека можело да биде подобро или сте секогаш сигурен?

Дуковски: Тоа може да нема крај. Обично додека траат пробите за првата претстава, текстот е отворен, некоја промена може да биде додадена. Секогаш имам затворен текст пред прва проба. Има еден момент кога мора да кажеш дека е готово.

Студент: Дали имате некаков совет за драмски режисери во однос на соработката со млади актери?

Дуковски: Мислам дека е многу добра комбинација на разговор, секој е креативен на свој начин. Мене ми е пријатно кога ке добијам фидбек од некого. Така што разговор, брејнсторминг, гледање на добри филмови заедно.

Студент: Која е разликата и дали е потешко или полесно да напишете текст по порачка или текст која претставува некаква инспирација во текот на денот?

Дуковски: Во мојот случај, најчесто сум имал зошто го правам тоа, или испит или нешто друго. Така да , порачка. Без тоа ми е потешко. Со порачка имаш датум, имаш deadline, а кога сам себе си ставам може да нема крај.

Студент: Што за Дејан Дуковски претставува фестивалот„Војдан Чернодрински“ и дали сме возбудени за шеесетото јубилејно издание?

Дуковски: Јас од студентски денови одам на Чернодрински. Првата моја награда ја добив на фестивалот и тоа ми беше многу важно тогаш. Јас го сакам лично и ми значи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни