Разголи се или оди си – ново правило во германскиот град Росток

Додека натуризмот во Германија датира од 19 век, тој денес паѓа во немилост на младите генерации.

Минатата недела, градот Росток на Балтичкото Море воведе нова регулатива со која им дозволува на чуварите на плажата, да им забранат влез на посетителите кои одбиваат да се соблекуваат во одредени области за нудисти.

Мерката доаѓа како одговор на „многубројните поплаки од луѓе кои се чувствувале малтретирани во натуристичките области“, изјави за Си-Ен-Ен Мориц Науман од Росток Туризам.


Сепак, тој нагласи дека правилото е наменето да се спроведува само „во случај на конфликт“.

Иако забраната за облека на нудистичка плажа може да звучи по малку смешна, одлуката го нагласува тековниот предизвик: да се осигура дека натуристичките простори остануваат удобни за оние кои го прифаќаат животниот стил.

Инаку, натуризмот има длабоки корени во Германија. FKK или Freikörperkultur (Култура на слободно тело) датира од крајот на 19 век. Движењето ги охрабрува приврзаниците да ја отфрлат својата облека и да учествуваат во здрави активности за поврзување со природниот свет, промовирајќи филозофија на прифаќање на телото и хармонија со природата.

За многу Германци, социјалната голотија се смета за нормален дел од животот. Плажите, парковите, па дури и патеките за пешачење одамна имаат одредени области за голи луѓе. Денес, пак, кај помладите генерации таа практика избледува.

„Бројот на луѓе кои денес го практикуваат се намалува“, истакна Науман, додавајќи дека како резултат на тоа, Росток ги намалил своите официјални натуристички плажи, од 37 на 27 зони.

Што е прифатливо однесување на нудистичка плажа?
Секој љубопитен за натуризмот треба да биде свесен за конкретните правила и очекувања. Сите типови на тело се добредојдени и охрабрени, но строго се забранети зјапањето, фотографирањето и несаканите коментари.

И додека назначените плажи ја прифаќаат социјалната голотија, оваа практика не е прифатена насекаде. Туристите кои ги игнорираа овие граници предизвикаа контроверзии не само во Германија, туку и во Португалија и подалечни дестинации, како Намибија.

Во Росток, 15-километарското крајбрежје е внимателно поделено на плажи за натуристи, за мешана употреба и само за облека, со што се осигурува дека сите посетители имаат простор каде што се чувствуваат удобно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни