„Разбуди се Тина“ премиера на кумановскиот театар

Претставата „Разбуди се Тина“ ќе го затвори фестивалот „Денови на комедија“ во Куманово

Kумановскиот театар ќе го затвори фестивалот „Денови на комедија“ со претставата „Разбуди се Тина“, информираа на денешната прес-конференција од театар Куманово. Режијата е на Драгана Таневска, комедијата е работена според текстот на Милан Ѓуриќ, а игра поголемиот дел од кумановскиот театар.

„Билетите за премиерата и за наредниот ден се распродадени. Екипата е одлична и ова е трета соработка со режисерката. Се надеваме дека ќе ги исполни очекувањата на публиката, рече директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски.

За режисерката Таневска, процесот бил исклучително добар, бидејќи и претходно соработувала со актерите.

„Кога желбите не можат да бидат во склад со околностите, секој од нас се обидува да го промени. Еден среќен брак доаѓа во состојба на искушение, поради потребата на партнерот да влезе во светот на непознатото поради забава со другарите, кога Тина заспива“, рече режисерката Таневска која очекува претставата да им се допадне на кумановци.

Драматургот Симона Тоскиќ кажа дека ова е претстава која без сомнение ќе изнуди солзи од смеење. Актерите Жарко Јовановиќ, Никица Јанковски и Владанка Крстевски кажаа дека претставата е најдобрата изработена комедија во последниве десет години и очекуваат одличен примен од публиката. За нив, претставата е комедија на ситуации, нималку не е монотона.

-„Очекуваме да се игра наредните десет години, иако процесот не е баш така лесен како што кажаа колегите. Најмалото невнимание на една сцена влијаеше врз наредните четири до пет. Секако, задоволни сме од резултатот и очекуваме да предизвика внимание и кај сегашните и идните генерации“, рече актерот Маро Трајковиќ.

Во претставата играат и Мишо Димитријевски, Александра Михајловска Величковски, Сања Русеска, Владо Дојчиноски, Анастасија Трајковиќ. Сценограф е Крсто Богојевски, костимограф Дарко Илиевски. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни