Расте бројот на жртви во стравичните поплави во БиХ, најмалку 19 мртви и над 40 исчезнати

Најмалку 19 лица загинаа во поплавите што зафатија делови од Босна и Херцеговина. Се стравува дека бројот на жртви е поголем бидејќи спасувачите се уште се пробиваат до многу места.
Фото: X/@Salko_Bijedic

Врнежите од дожд во изминатите 24 часа на подрачјето на општините Јабланица, Коњиќ, Кисељак, Фојница и Крешево предизвикаа големи проблеми кај жителите од тие општини во Босна и Херцеговина. Поради големите порои и одрони, загрозено е големо население, со информации дека има жртви како и голем број повредени и исчезнати лица, соопшти Федералната управа за цивилна заштита.

„Најтешка е состојбата, според информациите од теренот, во Јабланица и околните места (Бутуровиќ Поље, Острожац, Челебиќи) каде има голем број одрони по куќи, свлечишта на патишта и поплавување на куќи“, соопштија од Цивилната заштита.

Според официјалните податоци во Јабланица има најмалку 16 загинати. Полицијата соопшти дека во Фојница е пронајдено тело на жена, а Н1 Сараево неофицијално дознава дека на ова место е пронајдено тело на уште едно лице. Вкупниот број на жртви засега според Н1 Сараево е 19.

Според неофицијални информации од теренот на подрачјето на Доња Јабланица, 40 лица се водат како исчезнати, пренесе Б92.

Во подрачјата погодени од овие непогоди се формираат спасувачки групи кои со помош на механизација ја започнуваат акцијата на пронаоѓање и спасување на настраданите.

Претседателството на Босна и Херцеговина одржа вонредни седници на кои беа донесени одлуки за распределба на ресурсите на вооружените сили на Босна и Херцеговина во поширокото подрачје на Мостар и Коњиќ.

Со тие одлуки е одобрено ангажирање на инженерски единици, спасувачки единици и хеликоптери на вооружените сили на Босна и Херцеговина, со цел да се обезбеди итна помош на цивилните власти за одговор на природни катастрофи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни