Расте бројот на жртви во пожарот на познатиот ски-центар во Швајцарија – најмалку 40 загинати, над 100 повредени

Полицијата соопшти дека објектот бил преполн во моментот на експлозијата, што дополнително придонело за големиот број жртви. Болниците во регионот достигнале максимален капацитет поради големиот број тешко повредени лица, главно со сериозни изгореници.

Најмалку 40 лица загинаа, а околу 100 се повредени во експлозија и пожар што избувнаа во текот на ноќта во бар на познатото швајцарско скијалиште Crans-Montana, потврди полицијата.

Експлозијата се случила околу 1:30 часот по локално време во барот Le Constellation, за време на новогодишната прослава. Причината за несреќата засега не е официјално потврдена, а истрагата е во тек, пренесува BBC.

Полицијата соопшти дека објектот бил преполн во моментот на експлозијата, што дополнително придонело за големиот број жртви. Болниците во регионот достигнале максимален капацитет поради големиот број тешко повредени лица, главно со сериозни изгореници.

Поради состојбата, надлежните служби упатија апел до скијачите и туристите да бидат особено внимателни, додека дел од скијачките капацитети во Crans-Montana привремено се затворени.

Според сведоштва на преживеани, пожарот се проширил исклучително брзо. Очевидци изјавиле дека за неколку секунди таванот на објектот бил целосно зафатен од пламен, по што настанале паника и стампедо.

Италијанскиот министер за надворешни работи изјави дека постои можност пожарот да бил предизвикан од петарда фрлена за време на новогодишната забава, но нагласи дека тоа сè уште не е потврдено. Тој додаде дека идентификацијата на загинатите би можела да трае со недели поради сериозноста на повредите.

Надлежните власти најавија дека ќе информираат дополнително како што истрагата напредува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни