Расте бројот на жртви по тешката железничка несреќа што утрово се случи во североисточниот дел на Тајланд, кога градежен кран падна директно врз патнички воз што сообраќал на релација Бангкок – Убон Рачатани.
Несреќата се случила околу 9 часот по локално време, додека возот бил во движење. Според официјалните информации, во возот во моментот на инцидентот имало 171 патник. Меѓу повредените се едногодишно дете и лице на возраст од 85 години, а најмалку седум лица се во критична состојба.
Кранот паднал врз композицијата, при што возот излетал од шините, а неколку вагони биле целосно згмечени. Еден од вагоните се запалил. Итните служби со часови се пробивале низ уништените делови од возот за да ги извлечат патниците. Во возот најчесто се превезувале ученици и работници кои патувале кон училишта и работни места во други окрузи.
Кран паднал при подигање бетонски елемент
Локалниот медиум The Nation објави дека несреќата се случила во момент кога кранот подигал голем бетонски елемент, кој паднал врз возот и предизвикал излетување на повеќе вагони.
Еден од преживеаните, член на персоналот на возот Тирасаκ Вонгсунгнерн, изјавил дека тој и патниците биле „фрлени во воздух“ по ударот.
Очевидката Маливан Нактон за BBC Thai изјавила дека најпрво почнале да паѓаат помали парчиња бетон, по што целиот кран се урнал врз возот.
„Сè траеше помалку од една минута“, додала таа.
Истрага и тужба против градежната компанија
Државните железници на Тајланд (State Railway of Thailand) покренаа истрага и најавија судска постапка против градежната компанија одговорна за кранoт.
Компанијата Italian-Thai Development Public Company Limited соопшти дека изразува длабоко жалење поради несреќата и најави отштета и помош за семејствата на загинатите и повредените.
Првичните проценки покажуваат дека штетата само на вагоните надминува 100 милиони бати, односно околу 31 милион долари.
Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул, кој најави посета на местото на несреќата, изјави дека „некој мора да сноси одговорност“, посочувајќи дека вакви трагедии се резултат на немар, прескокнување процедури или користење несоодветни материјали.
Проект со долгa историја на несреќи
Кранот бил користен при изградба на надвозник за брза железничка пруга, дел од инфраструктурен проект вреден 5,4 милијарди долари, поддржан од Кина. Проектот има цел да го поврзе Бангкок со Лаос и понатаму со југозападна Кина.
Проектот е познат како Bangkok–Nong Khai HSR Development for Regional Connectivity, а компанијата Italian-Thai Development е задолжена за делницата Лам Таконг – Сихио, каде што се случила несреќата. Кинеската амбасада во Тајланд соопшти дека во инцидентот не биле вклучени кинески компании или работници.
Тајланд со години се соочува со серија смртоносни градежни и сообраќајни несреќи, често поврзани со слаба примена на безбедносните стандарди. Само во последните неколку години, стотици лица ги загубиле животите во различни инфраструктурни инциденти низ земјата.
