Расте бројот на бездомници во Атина

Зголемен е бројот на бездомни лица во Атина од 2018 година

Бројот на бездомни лица во Атина е зголемен во споредба со 2018 година, кога последен пат беше спроведена регистрација на оние кои немаат постојано живеалиште, според заменичката-градоначалник на Атина надлежна за социјална солидарност и еднаквост Марија Стратигаки, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи за државната телевизија ЕРТ, Стратигаки објасни дека по пауза од седум години, бил спроведен првиот попис на бездомници во грчката метропола, а официјалните резултати и податоци се очекува да бидат објавени во ноември, по обработката на податоците што ќе ја врши Одделот за социјална политика на Универзитетот Пантеон во Атина.

– Во понеделникот вечерта се случи нешто што се немаше случено од 2018 година. Со 300 луѓе, поделени во 60 групи го обиколивме целиот центар на Атина за да ги идентификуваме бездомниците, објасни Стратигаки.

Таа додаде дека се обиделе да разговараат со оние што ги нашле и да ги регистрираат причините што ги довеле до бездомништво, посочувајќи дека тоа е нешто што е многу важно бидејќи во сите поголеми градови во светот се прави нешто слично, за да ги знаат карактеристиките на бездомниците.

– Веќе знаеме дека бездомниците се повеќе отколку во 2018 година, главно затоа што бројот на луѓе кои се зависници и живеат на улица е зголемен, посочи заменичката-градоначалник на Атина.

Во пописот биле вклучени сите оние кои немаат постојано живеалиште, без разлика дали се на улица или се сместени во привремени и прифатни објекти на општината или во центри на организации како што се Докторите на светот или ОН.

– Многу е тешко да се убедат некои луѓе да влезат во сместувачките капацитети. Многумина имаат психички проблеми, други не сакаат да се оддалечат од местата каде што просат. Причините се многубројни и различни, но важно е да се знаат за да можеме да креираме политики што навистина ќе ги задоволат нивните потреби, објасни Стратигаки. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни