Расте бројот на бездомници – Над милион луѓе во Европа секоја ноќ спијат под отворено небо

Бројот на бездомници во Европа драматично расте. Повеќе од 1,27 милиони луѓе спијат на улици или во прифатилишта, а 5% од граѓаните на ЕУ искусиле некој облик на бездомништво.

Според последните податоци, повеќе од 1,27 милиони луѓе спијат на улиците или во прифатилишта низ Европа секоја ноќ, а речиси 5% од населението на Европската Унија во некој момент од животот искусиле некој облик на бездомништво.

Рут Овен, заменичка директор на Федерацијата на национални организации за бездомници во Европа, изјави дека бездомништвото станува длабоко вкоренета криза, особено во големите градови.

„Ова е конзервативна проценка која се однесува само на видливото бездомништво“, рече Овен, нагласувајќи дека бројката може да биде и многу поголема доколку се вклучат и оние кои се привремено сместени кај роднини или пријатели.

Брз раст на бројот на бездомници

Овен објасни дека ситуацијата се влошува во многу европски градови. Пример за тоа е Брисел, каде што бројот на бездомници пораснал од околу 1.700 во 2008 година на повеќе од 10.000 денес. Како главна причина се наведува енормното зголемување на трошоците за домување.

Во Германија, најголемата популација на бездомници во Европа брои околу 530.000 луѓе, што според Овен се должи и на пошироката дефиниција и подобриот систем за евиденција.

Од друга страна, некои земји како Грција и Кипар официјално не пријавуваат бездомништво, но истражувањата покажуваат дека и таму бројките се значајни. Според податоци од анкетата EU SILC, 11% од луѓето изјавиле дека барем еднаш спиеле на јавно место или кај пријатели поради немање сопствен дом.

Франција со 350.000 бездомници

Во Франција, бројот на бездомници се зголемил за 20.000 лица само во последната година, достигнувајќи вкупно 350.000, според извештајот на фондацијата за бездомништво. Главните причини се: nедостиг на изградба на нови станови, eксплозивен раст на кириите и Недоволна акција од владата

Во 2023 година, 2,7 милиони луѓе чекале јавен стан, а само 393.000 добиле такво сместување. Извештајот исто така укажува на 130% пораст на бездомништвото во период од 2002 до 2022 година.

Финска – пример за успешно справување со кризата

Како најефикасен модел за решавање на кризата, Овен го истакнува концептот „Housing First“ (Стан пред сè), кој вели дека првиот и најважен чекор е на бездомниците веднаш да им се обезбеди стабилен дом.

„Можеби имаат и други проблеми, но најважно е што немаат каде да живеат. Домувањето е основа за решавање на другите проблеми“, вели таа.

Финска е најдобар пример – земјата го намалила бројот на бездомници од околу 20.000 на само 3.000 во изминатите две децении, благодарение на овој пристап.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни