Од 53 земји во Европа и Централна Азија, Романија имала најмногу случаи на сипаници во 2024 година, со 30.692 случаи, а потоа следи Казахстан, кој пријавил 28.147 случаи на сипаници.
Во анализата на СЗО и Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) се наведува дека околу 40 отсто од инфекциите со сипаници во европскиот регион се регистрирани кај деца под петгодишна возраст и дека повеќе од половина од случаите на сипаници бараат хоспитализација.
Според прелиминарните податоци добиени до 6 март, евидентирани се 38 смртни случаи.
Во соопштението се наведува дека во поширокиот европскиот регион, кој опфаќа вкупно 53 земји во Европа и Централна Азија, бројот на заразени се намалува од 1997 година, кога биле пријавени околу 216.000 случаи.
По долгорочниот пад на бројот на заразени лица, во 2018 и 2019 година беше забележано зголемување со 89.000 и 106.000 случаи, соодветно, а за време на пандемијата на коронавирус, вакцинацијата во многу земји исто така сериозно попушти и допрва треба да се врати на нивоата пред пандемијата.
Само во 2023 година, околу половина милион деца во регионот не ја примија првата доза за имунизација MCV1, која треба рутински да се администрира во здравствените установи.
Во соопштението се наведуваат Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Романија како примери каде што се вакцинирани помалку од 80 отсто од децата на возраст соодветна за вакцина, што е далеку под 95 отсто неопходни за да се постигне колективен имунитет, таканаречен „имунитет на стадо“.
СЗО и УНИЦЕФ забележаа дека во Босна и Херцеговина и Црна Гора, помалку од 70 отсто и 50 отсто од децата, соодветно, биле вакцинирани против сипаници во последните пет или повеќе години.
Сипаниците се меѓу најзаразните болести во светот, а се пренесуваат и преку воздухот.
Се проценува дека две дози од вакцината против мали сипаници се 97 отсто ефикасни во спречувањето на болеста, која обично го напаѓа респираторниот систем и предизвикува симптоми на треска, кашлица, течење на носот и осип. Во потешки случаи, сипаниците може да предизвикаат пневмонија, енцефалитис, дехидрација и слепило.
Научниците проценуваат дека повеќе од 95 проценти од населението треба да биде вакцинирано за да се спречат епидемии.
ОН соопштија дека бројот на случаи на сипаници низ Европа претставува една третина од приближно 359.521 инфекции ширум светот минатата година.
Британските власти минатиот месец изјавија дека имало повеќе од 200 пријавени случаи во ОК и дека се очекуваат многу повеќе.
Во Тексас и Ново Мексико, во САД, епидемијата се шири и досега се регистрирани 250 случаи, вклучително и две смртни случаи кај луѓе кои не биле вакцинирани.
Во соопштението на СЗО се нагласува дека сипаниците се значајна закана и дека дури и земјите каде што не се широко распространети треба да бидат подготвени со идентификување и коригирање на празнините во имунизацијата, зајакнување и одржување на довербата на јавноста во вакцинацијата и градење силни здравствени системи.