Растат тензиите по инцидентите во Црна Гора: Осум лица уапсени во Подгорица поради насилство и закани кон странски државјани

Осум лица се уапсени во Подгорица поради насилство и поттикнување омраза кон странски државјани; полицијата презема мерки за јавна безбедност.

Црногорската полиција соопшти дека во Подгорица се уапсени осум лица поради кривични дела поврзани со насилство и поттикнување омраза на национална и верска основа.

На 26 октомври, еден од уапсените, П.М. (35), на социјалните мрежи објавил заканувачка и навредлива порака упатена кон турски државјани со престој во Црна Гора, со што се поттикнува омраза и нетрпеливост. Следниот ден, тројца мажи – Б.С. (26), Ф.Џ. (25) и М.П. (31) – се сомничат дека физички нападнале три турски државјани во населбата Забјело, при што користеле тупи предмети, а жртвите претрпеле телесни повреди. При претрес во возилата на осомничените, полицијата пронашла бакљи и балаклави. Покрај нив, уште тројца млади – Т.Б. (24), Б.Б. (22) и Ф.Ј. (18) – се уапсени поради нарушување на јавниот ред и мир, откако претходно физички нападнале еден турски државјанин.

Полицијата извести дека инспекторите за странци презеле 55 мерки, вклучувајќи 30 прекршочни налози, присилно отстранување на две лица, протерување на две лица и укинување на престој на три странски државјани.

Инцидентите следеле по претходна тензична ситуација, кога на 25 октомври група турски државјани физички нападнала млади лица од Подгорица, при што еден од нив добил седум убоди од нож.

Дополнително, во ноќта помеѓу понеделник и вторник, непознати сторители се обиделе да запалат угостителска објект во улицата Мила Бошковиќ во Бар, кој го поседува турски државјанин. Брзата интервенција на пожарникарите го спречила ширењето на огнот.

Полицијата истакнува дека овие акции се насочени кон спречување на кривични дела и нарушување на јавниот ред, без да се зема предвид националноста или религијата на сторителите или жртвите. Во тек е натамошна истрага за сите инциденти, со цел да се обезбеди безбедност и заштита на сите граѓани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни