Растот на цената на нафтата ја зајакнува позицијата на Русија

Порастот на цената на нафтата по конфликтот на Блискиот Исток ѝ носи економски и геополитички предности на Русија, анализира CNN.

Рускиот претседател Владимир Путин знае како да пронајде можност во криза, а војната меѓу САД, Израел и Иран е најновиот пример за тоа, анализира CNN.

Путин на почетокот на годината покажуваше самодоверба во врска со својата кампања за потчинување на Украина, и покрај ограничениот напредок на бојното поле, пишува CNN.

Сепак, на почетокот на јануари администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп му зададе удар на рускиот углед кога беше соборен венецуелскиот претседател Николас Мадуро, стратешки партнер на Москва, во смела командно-специјална акција.

Кога новата војна избувна во регионот на Заливот, Путин на почетокот изгледаше како да е во неповолна позиција: американско-израелските удари насочени кон „обезглавување“ на иранскиот режим го убија иранскиот врховен водач ајатолах Али Хамнеи – уште еден долгогодишен руски сојузник – и погодија голем број ирански воени цели.

Стратешкото партнерство што Москва го потпиша со Иран во тој момент изгледаше како да нема реална тежина.

Сепак, војната создаде нов контекст во кој Русија може да има корист: глобалната енергетска криза предизвикана од конфликтот ги зголеми цените на нафтата и ги зголеми приходите на руската енергетска индустрија, што на Москва ѝ дава фискална предност во услови на западни санкции и економски притисок, наведуваат меѓународни анализи.

Путин во неколку јавни пораки истакна дека Русија е подготвена да ја искористи моменталната ситуација. Тој ја нагласи можноста за снабдување на европските пазари со енергенси доколку се постигне стабилна соработка, ги повика руските компании да го искористат растот на цените на енергенсите и сигнализираше дека Москва може да игра улога на посредник во кризата со цел да се намалат тензиите во регионот.

Но, и покрај геополитичката динамика, Путин очигледно и понатаму останува фокусиран на својата главна цел – поткопување на независноста на Украина.

Во понеделникот лидерот на Кремљ разговараше телефонски со Доналд Трамп, што беше нивниот прв разговор од декември. Според соопштението на помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, едночасовниот разговор се однесувал на клучната тема на денот (американско-израелската војна против Иран) а дискусијата била опишана како „многу содржајна“.

Во разговорот се споменало и прашањето за Украина. Според Ушаков, американскиот претседател „го повторил својот интерес конфликтот во Украина што побрзо да се заврши со примирје за да се постигне долгорочно решение“.

Трамп, пак, даде нешто поинакво толкување на разговорот. Тој изјави дека Путин „сака да помогне“ на Блискиот Исток, но додаде дека му рекол: „Можеш да бидеш покорисен ако ја завршиш војната меѓу Украина и Русија“.

Разговорот се случува во момент кога економската ситуација во Русија се соочува со неизвесност, но и со потенцијални придобивки од растечката глобална енергетска криза и ефективното затворање на Ормускиот теснец.

Цената на нафтата во понеделникот ја надмина границата од 100 долари за барел, а експертите предупредуваат дека би можела да достигне и 150 долари до крајот на март доколку нарушувањата во оваа клучна поморска рута продолжат.

Тоа е позитивна вест за Русија, која е еден од најголемите светски извозници на нафта.

Дополнително, администрацијата на Доналд Трамп привремено ја суспендираше кампањата за притисок врз Индија (еден од најголемите купувачи на руска нафта) дозволувајќи им на индиските рафинерии 30 дена да купуваат руска нафта која во моментов е задржана на море.

Минатата година Министерството за финансии на САД воведе санкции против две од најголемите руски нафтени компании и воведе секундарни царини за Индија поради купување руска нафта, како дел од обидите да се ограничи финансирањето на руската воена машинерија.

На состанокот со најблиските советници посветен на состојбата на глобалните пазари на нафта и гас, Путин звучеше оптимистично.

„Во сегашните услови конкуренцијата меѓу купувачите за снабдување со енергенси се засилува. Во тој контекст сакам да потсетам дека стабилноста е нешто по што руските енергетски компании отсекогаш биле познати“, рече тој.

Во последните месеци способноста на руските државни финансии да останат во воен режим беше доведена во прашање поради растечката инфлација и зголемениот буџетски дефицит. Перспективата за поголеми приходи од извозот на нафта и гас сега може да ѝ даде нов импулс на руската економија.

Русија би можела да добие и дополнителна геополитичка предност во врска со војната со Иран.

Покрај безбедносните врски меѓу Москва и Техеран, повеќе извори запознаени со американските разузнавачки извештаи наведуваат дека Русија му доставува на Иран информации за локациите и движењата на американските ресурси во регионот на Заливот.

Путин има и долгогодишни лични односи со повеќе лидери на Блискиот Исток. На почетокот на американско-израелската воена кампања тој телефонски разговараше со кралот на Бахреин Хамад бин Иса Ал Калифа, претседателот на Обединетите Арапски Емирати Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, емирот на Катар шеик Тамим бин Хамад Ал Тани и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, исто така се обидува да најде влијание во регионот. Во последните денови Украина понуди експертиза за справување со иранските дронови „Шахед“, кои напаѓаа цели во регионот на Заливот.

Но, останува прашањето дали тоа ќе донесе политичка поддршка во Вашингтон. Трамп, според извештаите, не покажал голем интерес за тврдењата дека Русија му доставува разузнавачки информации на Иран.

Во меѓувреме, додека меѓународното внимание е насочено кон кризата на Блискиот Исток, Путин може да забележи дека западните креатори на политики се помалку фокусирани на Украина, каде што војната продолжува.

Во последните денови руските дронови и ракети погодија повеќе украински градови, но овие напади не привлекоа големо внимание во меѓународните медиуми.

Засега, заклучуваат аналитичарите, глобалната енергетска криза може да му донесе нови политички и економски „дивиденди“ на Путин додека продолжува војната во Украина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни