Распуштено Собранието во Приштина

Претседателката Вјоса Османи го распушти приштинското Собрание по неуспешните обиди за формирање влада. Партиите предлагаат 21 или 28 декември како датум за нови избори, кои мора да се одржат во рок од 40 дена.

Претседателката на привремените приштински институции Вјоса Османи денес го распушти Собранието во Приштина. Таа ја потпиша одлуката откако движењето Самоопределување ни по вториот обид вчера не доби потребно мнозинство за да формира влада.

Како што пренесуваат медиумите, Османи ја објавила одлуката по состанокот со лидерите на парламентарните партии во Приштина, на кој се разговарало за датумот на новите избори.

Одлуката за терминот на изборите – трети по ред годинава – Османи ќе ја донесе дополнително, а се очекува тоа да биде наскоро. Претседателот на Самоопределување Албин Курти и лидерот на партијата „Смело“, Фатон Пеци, им рекле на новинарите по состанокот дека предложиле 28 декември како датум за изборите.

Претседателите на Демократската партија Бедри Хамза и на Демократскиот сојуз Љумир Абдиџику предложиле 21 декември, а претседателот на Алијансата за иднина Рамуш Харадинај ги предложил и двата датуми – 21 и 28 декември.

Претходните избори за Собранието на привремените институции во Приштина беа одржани на 9 февруари, а претседател на парламентот беше избран дури на 26 август, по бројни прекини на конститутивната седница и пресуди на уставниот суд.

Првиот обид за формирање влада беше на 26 октомври кога лидерот на Самоопределување Албин Курти не доби мнозинство, а вчера без успех беше и вториот кандидат од движењето, Глауку Конјуфца, пренесе Танјуг.

Според т.н. устав на привремените институции, доколку владата не биде избрана ни во вториот обид, се распишуваат нови избори кои мора да се одржат во рок од 40 дена од денот на распишувањето.

Николиќ: Нови парламентарни избори 40 дена по распишувањето

Претседателката на собранискиот Одбор за Косово и Метохија Данијела Николиќ изјави дека вонредните парламентарни избори на АП Косово и Метохија треба да се одржат не помалку од 30, а не повеќе од 40 дена од распишувањето, по неуспехот на уште еден обид за формирање влада на т.н. Косово. Таа истакна дека новата влада ќе се соочи со многу предизвици.

Николиќ за Танјуг оцени дека Самоопределување може да формира влада само доколку се подели и дел од пратениците оформат нов клуб.

„Секако ќе бараат поддршка од Србите. Мислам дека ние сме сега на потег, но за тоа одлучува Српската листа. Без Србите не можат ништо, колку и да сакаат да не’ измонтираат од политичката сцена“, рече таа.

Таа оцени дека „приштинскиот политички театар“ трае веќе десет месеци и дека Глауку Конјуфца бил само уште една карта со која премиерот во технички мандат Албин Курти се обидувал да се врати на политичката сцена и да го поврати изгубеното доверие кај Албанците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни