Со овие концерти Влатко Стефановски и неговите гости ќе го одбележат импресивниот јубилеј – 50 години на музичката сцена. Концертите ќе претставуваат пресек на неговата извонредна кариера – од деновите со култната група “Леб и сол” па се до неговата успешна соло кариера. Препознатливиот спој на инструментален рок, етно џез, блуз и македонска традиционална музика, ќе добие нова димензија со посебни гости, кои ќе му се придружат на сцената во овие незаборавни вечери и ќе изведат хитови како “Чукни во дрво”, “Gipsy Song”, “Чувам ноч од будних”, “Као Какао”, “Македонско девојче” и многу други.

Пред кратко време Стефановски во легендарното Abbey Road Studio 3 во Лондон, го сними албумот “London Sessions”, кој претставува врвна соработка на врвни музичари. На албумот се и неговиот син, Јан Стефановски на тапани, како и Тихомир Хојсак на електричен контрабас. Снимањето и продукцијата ги водеше Горан Мартинац, со асицтенција на Ед Фарел и Леа Морис, додека “lacquer cut” на албумот во лондонското Abbey Road Studios го режеше Sean Magee, добитник на наградата Grammy за “Mono Box Set” од Beatles.
Новиот албум “London Sessions” е достапен и на трикратен ЛП формат.
Влатко Стефановски е роден 1957 година во Прилеп. Својата музичка приказна ја започнува како млад гитарист и го освојува региоинот како член на Леб и сол. Со оваа група ги поставува темелите на споотј на македонски музички фолклор и модерен рок звук. По разидување на групата, Стефановски гради успешна соло кариера, истражувајќи различни жанрови – џез, блуз, етно и акустична гитара. Соработува со врвни светски музичари, а неговите настапи се препознатливи по неговата неверојатна енергија и виртуозност.
За неговиот траен белег во музичкото и културно наследство, Влатко Стефановски е добитник на македонската државна награда за животно дело во културата и уметноста „11 Октомври“, како и почесен докторат по уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.