Четири лица го загубија животот во пожар што избувна ноќта меѓу четврток и петок во хотел во Будимпешта, додека најмалку 40 лица се пренесени во болница поради повреди и вдишување чад, јавуваат унгарските медиуми.
Пожарот избувнал нешто по два часот по полноќ, а според првичните информации, му претходела експлозија на плинска боца. Во моментот на несреќата, во објектот престојувале 47 лица.
Огнот го зафатил горниот кат од зградата, кој бил користен како работнички дом, при што кровната конструкција речиси целосно изгорела. Три лица починале на самото место, додека четвртата жртва им подлегнала на повредите за време на транспортот кон болница.
Според неофицијални информации, пожарот можеби настанал откако еден од станарите се обидел да наполни плинска боца директно од гасоводот, но надлежните служби засега не ја потврдуваат оваа верзија. Точната причина за експлозијата и пожарот ќе биде утврдена по завршување на истрагата.
Локалните медиуми пренесуваат дека во објектот престојувале и лица со попреченост, меѓу кои има и жртва.
Властите најавија детална истрага за околностите под кои дошло до трагедијата.