За една недела 660.000 луѓе раселени во Либан по израелските напади

УНХЦР предупредува дека бројот на раселени лица во Либан постојано расте, додека илјадници семејства повторно бегаат од своите домови по новата ескалација на конфликтот.
Foto: AP Photo/Ali Salem

Повеќе од 667.000 луѓе се раселени во Либан во текот на само една недела поради израелските напади, соопшти Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР).

Според податоците, околу 120.000 раселени лица се сместени во прифатилишта организирани од либанската влада, додека останатите се засолнети кај роднини и пријатели или бараат привремено сместување.

Ескалацијата на конфликтот започна пред околу една недела кога Израел започна нови напади врз Либан, по што следуваа предупредувања за евакуација на жители од делови од главниот град Бејрут и од повеќе од 50 села и густо населени области.

Интензивните воздушни напади принудиле многу семејства да ги напуштат своите домови за неколку минути, без можност да понесат лични работи, додека секојдневниот живот во многу делови од земјата е целосно нарушен.

Многу од раселените лица по вторпат се соочуваат со ваква ситуација, бидејќи веќе биле принудени да бегаат од конфликтот меѓу Израел и Хезболах во 2024 година.

„За време на вчерашната посета на прифатилиште во Бејрут сретнав жена во деведесеттите години која изгубила 11 членови од своето семејство во нападите во 2024 година. Сега повторно е раселена и престојува во истото училиште кое е претворено во прифатилиште“, изјави претставничката на УНХЦР во Либан, Каролина Линдхолм Билинг.

Според сириските власти, од почетокот на ескалацијата повеќе од 78.000 сириски државјани влегле во Сирија од Либан, како и повеќе од 7.700 либански граѓани.

УНХЦР соопшти дека од првиот ден ја поддржува либанската влада и локалните власти во справувањето со кризата.

До сега се испорачани околу 168.000 пакети со итна помош за повеќе од 63.000 раселени лица во над 270 колективни прифатилишта. Пакетите содржат душеци, ќебиња, вреќи за спиење, соларни ламби и канистри за вода.

„Цивилите мора да бидат заштитени во секое време, а безбеден и непречен пристап до хуманитарна помош мора да биде гарантиран за да стигне до оние на кои им е најпотребна“, порача Линдхолм Билинг.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни