Од сцена во политика: рапер станува премиер на Непал

35-годишниот рапер Балендра Шах убедливо го победи поранешниот премиер КП Шарма Оли на изборите и се очекува да стане нов лидер на Непал.

Непал би можел наскоро да добие премиер кој до неодамна беше познат на музичката сцена. Раперот Балендра Шах, познат како Бален, победи на парламентарните избори и е на пат да стане нов премиер на земјата, откако ја порази долгогодишната политичка фигура и поранешен премиер КП Шарма Оли.

Според официјалните податоци од непалската изборна комисија, 35-годишниот Шах освоил 68.348 гласови, додека неговиот противкандидат Оли добил 18.734. Со тоа поранешниот премиер беше поразен дури и во сопствената изборна единица.

Шах претходно беше градоначалник на Катманду, но во јануари поднесе оставка за да се кандидира на изборите и директно да му се спротивстави на Оли. Неговата партија RSP оствари значајна победа на изборите што се сметаат за пресвртница за политичката сцена во Непал.

Во изминатите две децении земјата беше обележана со нестабилни коалициски влади предводени од три големи партии, од кои две се комунистички. Овие избори се сметаа за тест дали гласачите ќе им дадат шанса на нови политички сили или повторно ќе се свртат кон ветераните што со години се на власт.

Клучна улога одиграа младите гласачи. Околу 800.000 граѓани првпат излегоа на избори, што значително влијаеше врз резултатот.

Балендра Шах е добро познат во непалската хип-хоп сцена. Неговата песна „Balidan“, што значи „жртва“, има милиони прегледи на YouTube и долго време беше симбол на младинското незадоволство од политичкиот систем.

Политичката клима во Непал дополнително се промени по протестите што ја потресоа земјата минатата година. Тие започнаа откако владата се обиде да забрани неколку социјални мрежи, што предизвика масовни демонстрации, особено меѓу младите.

Протестите, познати како движење на Генерацијата З, брзо се претворија во критика на целиот политички систем и на таканаречените „непо-бебиња“ – деца на политичари кои со години доминираат во јавниот живот.

Во таква атмосфера, победата на Шах се гледа како сигнал за силна политичка промена и влез на нова генерација лидери на непалската политичка сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни