Рапер победи на изборите во Непал и е на пат да стане нов премиер

Непалскиот рапер Балендра Шах победи на парламентарните избори и се очекува да стане нов премиер на земјата, по политичките превирања и протестите што ја соборија претходната влада.


Раперот Балендра Шах победи на парламентарните избори во Непал и се очекува да стане нов премиер на земјата. Тој го порази поранешниот премиер Кеј Пи Шарма Оли во неговата изборна единица, според официјалните резултати на изборната комисија.

Триесет и петгодишниот Шах освои 68.348 гласови, додека Оли доби 18.734. Шах во јануари поднесе оставка од функцијата градоначалник на Катманду за да учествува на изборите и да се соочи со поранешниот премиер.

Неговата партија РСП победи на првите избори одржани откако минатата година масовни протести предводени од младите ја урнаа владата.

Политичката сцена во Непал повеќе од две децении беше доминирана од нестабилни коалициски влади предводени од три големи партии, од кои две се комунистички. Овие избори се сметаа за тест дали гласачите ќе им дадат доверба на новите политички сили или повторно ќе се свртат кон долгогодишните политички ветерани.

Младите гласачи одиграа клучна улога, со околу 800.000 луѓе кои за првпат гласаа. Шах, познат во јавноста како Бален, со години е дел од хип-хоп сцената во Непал. Неговата песна „Balidan“, што значи „жртва“, има милиони прегледи на YouTube.

Минатата година Непал беше потресен од масовни протести на таканаречената генерација Z, откако тогашниот премиер Оли одлучи да ги забрани некои социјални мрежи. Протестите прераснаа во поширока критика на политичкиот систем и на влијанието на семејствата на политичарите во државата.

За време на протестите загинаа 77 лица, а истрага на BBC откри дека шефот на полицијата издал наредба да се отвори оган врз илјадници невооружени демонстранти. Шах јавно ги поддржа протестите и во еден момент го нарече Оли „терорист кој ја предал својата земја“.

Во својата програма, неговата партија најави создавање 1,2 милиони нови работни места и намалување на економската миграција. Планот предвидува и зголемување на доходот по жител, раст на економијата и воведување поширока социјална сигурност, вклучувајќи здравствено осигурување за сите граѓани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни