Хиберт, полициски приправник со само четири месеци служба, бил на патрола за време на прославата на Ханука кога напаѓачите отвориле оган, при што биле убиени 15, а ранети повеќе од 40 лица, пренесува BBC.
„Вистинско божиќно чудо“
Неговото семејство потврди во соопштение дека 22-годишниот полицаец, кој бил погоден и во рамото и го загубил видот на едното око, сега се опоравува дома.
„Како семејство, не можевме да посакаме ништо повеќе, да го имаме нашиот Џек дома, особено за Божиќ, навистина изгледа како чудо“, наведоа тие.
Семејството ѝ се заблагодари на јавноста за огромната поддршка, како и на медицинскиот персонал за нивната исклучителна грижа и посветеност. „Иако е дома, тој сè уште се опоравува и ќе му бидат потребни простор, поддршка и постојани позитивни мисли во овој период“, се додава во соопштението.
Храброст и покрај повредите
Од семејството претходно открија дека полицаецот Хиберт, и по повредувањето, продолжил да им помага на посетителите на фестивалот сè додека физички повеќе не можел.
„Многу од неговите колеги кои беа присутни таа вечер го посетија во болница и сведочеа за храброста што ја покажал… Опишаа како Џек се движел кон луѓето во неволја, а не подалеку од опасноста“, изјавија тие.
Истрага за терористичкиот напад
Хиберт е еден од двајцата полицајци повредени во пукањето. Неговиот колега, 25-годишниот Скот Дајсон, според последниот полициски извештај, и понатаму се опоравува во болница. Полицијата соопшти дека осомничените напаѓачи биле инспирирани од идеологијата на Исламската држава и дека го таргетирале еврејскиот фестивал во напад кој е прогласен за терористички чин.
Вавид Акрам (24) е обвинет за 59 кривични дела, вклучително и 15 убиства и едно терористичко дело. Вториот напаѓач неговиот татко Сахид Акрам бил убиен од полицијата на местото на настанот. Судските документи наведуваат дека двајцата „педантно“ го планирале нападот со месеци и дека два дена пред пукањето ја посетиле областа Бонди за извидување.
Поддршка од колегите и иднина во службата
Минатата недела, полицискиот комесар на Нов Јужен Велс, Мал Ланион, го посети полицаецот Хиберт во болница, упатувајќи пофални зборови како „позитивен млад човек“. Тој додаде дека полициските сили ќе застанат зад Хиберт и ќе му најдат „соодветни должности“ по неговото целосно закрепнување.
Извор: Index.hr