Пентагон донесе одлука да го затвори т.н. „Коридор на дописници“ и да ги премести медиумите надвор од главната зграда на Министерството за одбрана на САД, што предизвика остри реакции во јавноста и медиумската заедница.
Овој потег доаѓа по одлука на федерален суд, кој застана на страната на весникот Њујорк тајмс и поништи дел од рестриктивната политика кон новинарите воведена од министерот за одбрана Пит Хегсет. Спорниот правилник од октомври 2025 година предвидуваше новинарите што бараат неовластени информации да бидат означени како безбедносен ризик и да им се одземат акредитациите.
Голем дел од медиумите одбија да ги прифатат новите правила, по што многу дописници го напуштија Пентагон. Судот оцени дека ваквите мерки се нејасни и дискриминаторски, и нареди враќање на акредитациите и укинување на спорните одредби.
Сепак, администрацијата на Доналд Трамп сега презема нов чекор, наместо формално ограничување, медиумите физички се отстрануваат од зградата. Портпаролот Пентагон, Шон Парнел, потврди дека новинарите ќе бидат префрлени во посебен објект надвор од главниот комплекс, откако ќе биде подготвен.
Иако формално акредитациите остануваат валидни, во пракса новинарите го губат директниот пристап до официјалните лица и можноста за непосредно известување од местото на одлучување.
Позадината на ваквата одлука лежи во зголемениот број протекувања на доверливи информации во јавноста. Во изминатата година, американските медиуми објавија чувствителни податоци за воени планови, движење на носачи на авиони и интерни брифинзи. Како одговор, Пентагон започна обемна истрага, вклучително и полиграфски тестирања, а неколку високи функционери беа суспендирани.
Овие случувања доведоа до продлабочување на недовербата меѓу институциите и медиумите. Од една страна, воените власти тврдат дека оперативната безбедност повеќе не дозволува претходно ниво на транспарентност, додека од друга, новинарските организации предупредуваат дека станува збор за опасен преседан, формално почитување на судска одлука, но суштинско ограничување на слободата на информирање.