Премиерот на Албанија, Еди Рама на социјалната мрежа Фејсбук објави видео снимено од дрон на албанските воздухопловни сили, на кое се гледа моментот на намерно предизвикување пожар. Тој рече дека намерното палење претставува предавство. Видеото е снимено од дрон „Бајрактар“.
„Намерното палење пожари не е само злосторство, туку е и предавство на нашата земја и иднината на нашите деца. Еве видео од напад со палење снимен денес од беспилотни летала на воздухопловните сили. Државната полиција е на терен за да ги изведе пред лицето на правдата сите што си играат со пламен на јавен имот.“
„Во меѓувреме, во овие тешки времиња на глобално затоплување и пожари што ги погодуваат сите медитерански земји, ќе мора да го израмниме палењето со делото убиство во Кривичниот законик“, напиша Рама.
Десетина пожари се уште активни
Во Албанија, стотици пожарникари и војници ги изгаснаа повеќето од речиси 40-те пожари што избувнаа во изминатите 24 часа, според Министерството за одбрана, но повеќе од десетина се сè уште активни. Од почетокот на јули, речиси 34.000 хектари изгореа низ целата земја, според Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS).
Полицијата тврди дека многу од пожарите се намерно подметнати, а повеќе од 20 лица се уапсени во последните недели.
Пожарите сè уште горат во јужниот крајбрежен регион Финиќ, на околу 160 километри од главниот град. Според локалните медиуми, десетина луѓе се евакуирани, а неколку куќи се изгорени. Околу 800 албански војници се распоредени, заедно со воени авиони и хеликоптери од соседните земји, за борба против шумските пожари.