Албанскиот премиер Еди Рама вчера ја обвини британската министерка за внатрешни работи Шабана Махмуд за „етнички стереотипи“ и „недолична демагогија“, откако таа јавно прозва албански семејства и деца кои одбиваат да се вратат во својата земја.
Рама, лидер на Социјалистичката партија, праша зошто Махмуд – министерка од редовите на лабуристите – „се служи со реторика на популистичката крајна десница“, откако британските власти издвојиле 700 албански семејства за депортација, пренесе „Гардијан“.
Махмуд се соочува со критики од повеќе лабуристички пратеници кои се незадоволни од плановите на британската влада за принудни депортации на семејства што одбиваат финансиски стимулации за доброволен повраток.
„Како една лабуристичка министерка за внатрешни работи може толку да ја преземе реториката на крајната десница – и притоа да издвои 700 албански семејства, кои се само капка во морето на предизвиците со кои се соочува Британија по Брегзит – токму во момент кога Велика Британија и Албанија изградија едно од најуспешните европски партнерства во борбата против нелегалната миграција?“ напиша Рама на Икс.
Тој додаде дека Албанците се „нето-добитници“ за британската економија, и дека бројот на оние што примаат социјална помош е многу мал во однос на други заедници: „Постојаното издвојување на Албанците не е политика – тоа е загрижувачка, недостојна демагогија“.
Рама истакна дека Велика Британија треба да бара начини за продлабочување на соработката со Албанија во сите безбедносни области – од одбрана до заштита на границите – наместо да ги прави Албанците жртвени јарци, со што ги изложува граѓаните на една сојузничка земја на дополнителни ризици, вклучувајќи и закани од екстремистички групи што се хранат со такви наративи.
Извор од албанската влада изјави дека тензиите меѓу Лондон и Тирана растат и покрај успешната соработка во миграциската политика.
Според „Гардијан“, критиките на Рама предизвикале и непријатност во британската влада, бидејќи Западен Балкан е важна транзитна рута за мигранти и баратели на азил кои се обидуваат да стигнат до Обединетото Кралство.
Британски гранични службеници летово биле распоредени во Албанија и неколку соседни земји, меѓу кои Србија, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, за да воспостават контакти и соберат информации за криминални мрежи кои се занимаваат со шверцување мигранти.
Објавувајќи ја новата политика за азил, Махмуд изјави дека Британија мора да ги отстрани сите чии барања се одбиени, без разлика на нивната националност. Таа истакна дека околу 700 албански семејства живеат во државно финансиран сместувачки систем иако нивните барања за азил се одбиени, и додаде дека владата ќе започне со нивно враќање – доброволно кога е можно, а принудно каде што е потребно.
Министерството за внатрешни работи тврди дека околу 700 албански семејства немаат право на престој во Британија, но досега нивниот повраток не бил приоритет.
Бројот на албански баратели на азил е низок, а пристигнувањето со мали чамци од 2022 година опаднало за повеќе од 90 проценти, наведува британскиот весник.
Анди Хоџај од аналитичкиот центар RUSI изјави дека британската влада повторно ги издвојува Албанците во својата реторика – нешто што било присутно и под претходната конзервативна администрација, што, според него, предизвикува длабоко незадоволство и во албанската заедница и во владата на Албанија.
Рама и претходно го критикуваше британското МВР – во 2022 година ја обвини тогашната министерка Суела Браверман дека „поттикнува ксенофобија“ и целно таргетира една заедница, поради нејзините тврдења дека некои Албанци ги злоупотребуваат законите за модерно ропство.
