„Сенките над Балканот“ се чини никогаш не бледнеат, дури и тогаш кога не се поткрепени со тело или форма. Па така и духот на Груевски остана да лебди во „Белата палата“ за да го одржува жив Груевизмот, на радост на неговите следбеници. Масивниот и коруптивен проект Скопје 2014 ќе продолжи да го разорува физичкото и социјалното ткиво на градскиот организам како подметнат вирус за кој по се изгледа нема лек, или никој веќе не го бара, изјави за „Фронтлајн“, Мишко Ралев – професор и архитект, зборувајќи за издвојување на буџетски средства за недоизградените објекти од проект „Скопје 2024“.
– Туку спротивно, сите сили (читај финансиски средства) на граѓаните ќе се впрегнат вирусот да успее и кај оние недозаразените објекти кои не знаеш дали се погрди сега недоправени или кога ќе бидат направени со буџетот за 2025 година. Иако зградите, како и се останато во врска со науката и уметноста, не се желботека на владетелите сепак сведоци сме дека тие наместо повиканите не само што одлучуваат за што треба да се гради, туку и како тие згради треба и да изгледаат. Нешто што во едно т.н. диктаторско време од 1945 до 1991 не можеше да се случи, колку и да владееше „социјалистичка тиранија“. А, претходната власт, иако божем изнедрена од „Шарената револуција“ за седум години не успеа ниту да изгради критички став а камоли да интервенира во „проектот“, анализира професорот.
Единствено, додава тој, инфантилно се налути и ги извади металните огради на владата мислејќи дека ваквиот малоумен акт ќе наиде на аплауз кај граѓаните.
– За жал, Груевски е сè уште меѓу нас, чекајќи дека ќе не фати на кондиција. И во право е, зашто ваков огромен куп на ѓубре тешко се уништува, и долго ќе се распаѓа уништувајќи ги оние што не успеја да го напуштат градот и земјата. А дали навистина Груевски ќе се врати е ирелевантно, тој како и да не е заминат, вели во изјава за „Фронтлајн“, професорот Мишко Ралев.
Недоизградените објекти од проектот „Скопје 2014“ ќе се довршат и во буџетот за 2025 година ќе се предвидат пари за тоа.
Владата на Никола Груевски потроши над 700 милиони евра државни пари за контроверзниот проект Скопје 2014, а беа предвидени 80 милиони евра. Сегашниот премиер Христијан Мицкоски најавува завршување на проектот во буџетската 2025 година.