Чашката ракија пред јадење е чест ритуал – дома, на гости или во ресторан. Се смета дека „го отвора апетитот“ и го подготвува желудникот за оброкот. Но, спротивно на популарното верување, силниот алкохол пред јадење не само што не помага, туку може и да го наруши вкусот на храната и процесот на варење.
Алкохолот со висок процент, како ракијата, делува агресивно врз желудникот. Наместо постепено да го активира дигестивниот систем, тој може да предизвика ненадејно стегање на желудникот и чувство на непријатност уште пред првиот залак. Тоа е начин на кој телото реагира на „шок“, а не на подготовка.
Што навистина го подготвува апетитот?
Гастрономската практика и бонтон препорачуваат пред јадење да се консумираат благи, гoркасти пијалаци со понизок процент на алкохол, и тоа во мали голтки. Таквите пијалаци не ги „затвораат“ сетилата, туку напротив – ги активираат и го поттикнуваат лачењето на желудочните сокови.
Слатките алкохолни пијалаци во овој момент се особено лош избор, бидејќи можат да предизвикаат киселини и тежина уште за време на оброкот. Затоа тие традиционално се оставаат за крај – со десертот.
Кратка лекција од историјата
Ритуалното пиење горчливи пијалаци пред јадење не е современ тренд. Потекнува уште од античка Грција, каде што, според легендите, Хипократ препорачувал ароматизирано горчливо вино пред оброк за подобро варење.
Слични практики имале и други древни цивилизации, од Египќаните и Асирците до Татарите, кои користеле лесни, горчливи алкохолни напитоци како подготовка за храна.
Современиот аперитив се оформил дури кон крајот на 18 век, а особено се развил во Италија. Со текот на времето, пијалаци како вермут, кампари и мартини станале симбол на оваа традиција, а од нив произлегле и класични коктели како сприц, негрони и белини.
А што е со дигестивот?
За разлика од аперитивот, дигестивите се пијат по јадење. Нивната улога е да ја поттикнат циркулацијата и да го олеснат варењето по обилен оброк.
Французите традиционално избираат коњак или бренди, Италијаните – грапа или горчлив амаро, Германците – билни ликери, а во Шпанија и Португалија доминираат засилените вина. Заедничко за сите е умереноста и почитта кон телото.
Ако сакате да го подготвите апетитот и да уживате во храната, ракијата нека почека. Таа повеќе му припаѓа на крајот на вечерта – или на некој друг контекст. Пред јадење, подобро е да му дадете шанса на желудникот нежно да се разбуди, наместо да го изненадите со силен алкохолен удар.
