Во руски ракетен напад врз предградието на Киев загина едно лице, а најмалку 15 се повредени, соопштија украинските власти. Нападот предизвика пожари и значителна инфраструктурна штета во неколку окрузи околу главниот град.
Според информациите од украинските медиуми, проектил погодил куќа во Киевската област, при што избувнал пожар. Гореле куќи и складишта, а погодени биле и други региони, меѓу кои Одеса и Миколаив, каде околу 15.000 семејства останале без електрична енергија.
Украинската противвоздушна одбрана регистрирала 345 ракети и дронови, од кои 33 балистички и крстосувачки ракети биле соборени, додека 14 погодиле цели. Украинските власти тврдат дека мета биле електрани, топлани и сообраќајна инфраструктура.
Ракетите не стигнале до западна Украина и Лавов, но таму во текот на ноќта бил извршен напад кој властите го квалификуваат како терористички. Полицијата реагирала по пријава за грабеж во продавница, но по пристигнувањето се случиле две експлозии. Една полицајка загинала, а 25 лица се повредени, дел од нив во тешка состојба.
Една жена е уапсена под сомнение дека учествувала во организирањето на нападот, а украинските власти изразиле сомнеж за можна поврзаност со Русија.
Истрагата е во тек, додека украинските власти предупредуваат на продолжување на нападите врз енергетската инфраструктура, во услови на засилени воени дејствија.