Рак- тивкиот убиец на 10 милиони луѓе годишно

Светски ден за борба против ракот: Речиси 20 илјади Македонци живеат со дијагноза рак

Во Северна Македонија во 2022 година се регистрирани 7 563 нови случаи на рак, а 4 364 лица починале од болеста. Ракот на бел дроб и на дојка се најчести, а смртноста останува повисока од европскиот просек

Ракот e меѓу водечките причини за смрт во светот и претставуваат еден од најголемите здравствени и социјални предизвици на нашето време.

Светската здравствена организација предупредува дека секоја шеста смрт глобално е предизвикана од рак. Слична слика се гледа и земјава каде што ракот е втора најчеста причина за смрт, веднаш по болестите на срцето.

Според GLOBOCAN 2022, земјава се соочува високо ниво на смртност, што бара засилен пристап кон превенција и навремена дијагностика.

Дури 7.563 нови случаи на рак биле регистрирани во земјава во 2022 година. Таа година од карцином починале 4.364 лица. Според Државниот завод за статистика, 18.6 проценти од сите смтрни случаи во земјава во 2024 година се последица на рак.

Во светот пак во 2022 година се дијагностицирани 19.976.499 случаи, а 9.743.832 починале од оваа болест. Болеста се појавува почесто во развиентите земји чие население живее подолго, но за жал смртноста е повисока во неразвиените и во земјите во развој каде скрининг програмите за рана детекција не се развиени, а пристапот до лекови е ограничен.

Според податоците на ,,Cancer Today”, во 2022 година во Северна Македонија биле регистрирани вкупно 7 563 нови случаи на рак, од кои 4 259 кај мажи и 3 304 кај жени. Тоа претставува стандардирана стапка од 206,9 на 100 000 жители, со што земјата се наоѓа во рамките на просекот на земјите од Југоисточна Европа. Според проценките, секој четврти маж (25,7 %) и секоја петта жена (19,0 %) имаат ризик да развијат некаков вид на рак пред 75-годишна возраст.

Најчестите видови на рак кај машката популација се рак на бел дроб (20,5 %), простата (18,5 %) и колоректален рак (12,4 %), додека кај жените најзастапени се рак на дојка (33,2 %), колоректален рак (11,2 %) и рак на телото на матката (9,0 %). Кај двата пола заедно, доминираат рак на бел дроб, дојка и дебело црево, кои заедно сочинуваат речиси половина од сите дијагностицирани случаи во земјата.

Најсмртоносни форми на рак

Смртноста од рак во Северна Македонија останува висока. Во 2022 година од малигни неоплазми починале 4 364 лица – 2 607 мажи и 1 757 жени. Стандардираната стапка на морталитет изнесува 112,5 на 100 000 жители, што е повисоко од просекот на Европската Унија. Ризикот од смрт од рак пред 75-годишна возраст е 15,8 % кај мажите и 9,8 % кај жените.

Најчеста причина за смрт е ракот на бел дроб, кој сочинува 23 % од сите случаи на смрт од рак. Потоа следуваат колоректалниот рак (11,9 %), ракот на дојка (8,7 %), желудникот (6,6 %) и простатата (6,2 %). Белодробниот рак е особено алармантен, бидејќи и по бројот на нови случаи и по бројот на смртни исходи го зазема првото место, што упатува на доцна дијагноза и ограничена ефикасност на третманите.

Она што загрижува, е се поголемата број на заболени од рак на кожата или меланомот. Во 2022 година од овој тип на карцином заболеле 189 лица во земјава, а починале 79. Над 100 случаи на заболени се регистрирани од карцином на ларингс, на грло на матка, на јајници и на бубрег , како и од леукемија.

Генерално најмногу случаи се регистрирани на рак на дојка, а најголема смртност, дури 26.8% дава ракот на белите дробови.

Преваленца и живот со дијагноза

Во Северна Македонија во 2022 година околу 19 299 лица живееле со дијагноза на рак во последните пет години. Најмногу се регистрирани жени со рак на дојка – 3 551 случај (341 на 100 000 жени), потоа следуваат пациенти со колоректален рак (2 648) и рак на простата (1 973). Овие податоци покажуваат дека ракoт не е само здравствен проблем што води кон смрт, туку и хронично оптоварување за илјадници пациенти и нивните семејства. Потребни се континуирани контроли, психолошка поддршка и стабилна онколошка инфраструктура.

Повеќето случаи на рак првично се дијагностицираат при клинички преглед по откривањето на знаци или симптоми на ракот. Меѓутоа, за конечна дијагноза и типизација на ракот најчесто е потребно мислење од патолог, вид на лекар кој е специјализиран за дијагностицирање на рак и други болести. Тестовите кои се вршат на луѓе што може да имаат рак вклучуваат крвни слики, рендген снимки, снимање на мозокот и ендоскопија.

Разлики меѓу половите

Податоците откриваат значајни родови разлики. Мажите не само што имаат повисок ризик од заболување, туку и повисока смртност. Ова најчесто се должи на повисока изложеност на ризик-фактори како пушење, алкохол и стрес, но и на помала вклученост во превентивни програми и скрининг. Жените, пак, почесто се соочуваат со хормонално зависни типови на рак, како рак на дојка и на телото на матката, но имаат подобро преживување поради пораната детекција.

Фактори на ризик и причини за раст

Најголем дел од водечките видови рак во земјата се тесно поврзани со начин на живот и опкружување. Пушењето останува најсилен фактор на ризик и стои зад повеќе од две третини од случаите на белодробен рак.

Нездравата исхрана, дебелината, физичката неактивност и прекумерната консумација на алкохол се поврзани со раст на колоректалниот и желудечниот рак.

Загадувањето на воздухот, кое е хроничен проблем во урбаните средини, дополнително го зголемува ризикот од рак на респираторниот систем.

Стареењето на населението, пак, природно ја зголемува веројатноста за појава на малигни заболувања, бидејќи повеќето се јавуваат по 60-тата година од животот.епорачуваат за голем дел од населението.

Во светот и во земјава ракот претставуваат сериозна јавноздравствена закана. Глобално, бројките растат, а прогнозите за следните децении се крајно загрижувачки: од околу 20 милиони нови случаи годишно во 2022,— кон можни 35 милиони до 2050 година.

Во Македонија, иако има некои позитивни сигнали (на пример, благ пад кај возрасната група над 65 години), стапките остануваат високи, особено кај повозрасните и кај мажите.Сравнување со Европа

Во европски рамки, Македонија има умерена инциденца, но надпросечна смртност од рак. Тоа укажува дека проблемот не лежи само во бројот на заболени, туку во доцната дијагноза, ограничениот пристап до современи терапии и недоволното рано откривање.

Според проценките на Меѓународната агенција за истражување на рак (IARC), земјите со помалку развиени здравствени системи, каква што е и Македонија, најчесто се соочуваат со повисока смртност за ист тип на рак во споредба со западноевропските држави.

Прогнозите од IARC укажуваат дека до 2050 година бројот на нови случаи на рак би можел да достигне 35 милиони годишно, што е зголемување од околу 77 % во однос на 2022 година.

Што може да се направи?

Намалувањето на оптовареноста од рак бара системски пристап. Превенцијата преку намалување на пушењето, промоција на здрава исхрана и физичка активност е основа за долгорочен успех. Раната дијагностика преку организирани скрининг програми за рак на дојка, грло на матка и дебело црево е најисплатлива инвестиција во јавното здравје. Потребно е и унапредување на националните регистри за рак, подобра координација меѓу примарната и специјализираната здравствена заштита и поголеми вложувања во современа онколошка технологија и палјативна грижа.

Податоците од GLOBOCAN 2022 потврдуваат дека земјава се соочува со сериозен јавноздравствен предизвик – стабилна, но висока појава на рак и висока смртност, особено кај белодробниот и колоректалниот карцином.

Ракот на дојка останува најчест кај жените, но со можност за подобра прогноза доколку се открие навреме. За да се промени оваа слика, неопходна е национална стратегија базирана на податоци, јакнење на здравствената инфраструктура и засилување на јавната свест.

Ракот не е неизбежна судбина тој е предизвик кој може да се совлада со знаење, навремена акција и заедничка одговорност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни