Интервјуто е по повод нивниот традиционален настап во Скопје на секои 2 години, секојпат под истиот хумористичен наслов- “ATHEIST RAP Биенале во Скопје” кој оваа година е закажан за 28 декември во клубот Маракана.
Како што праксата повеќе пати докажува дека “глупоста е неуништива и универзална”, што е тогаш она што вас се уште ве движи и по 35 години, од моментите кога сите мислевме дека можеме да го промениме светот на подобро и да ја уништиме глупоста…се до сега. Кога конечно сфативме дека тоа и баш не оди така.
РАДУЛЕ: Не движи делумно инерцијата, но генерално не движи она што досега ништо важно не е сменето во однос на функционирањето на системот и менталитетот на овие простори. Глупоста е дефакто неуништива, но наша задача е да ја симнеме на она ниво да не може да создава големо и важно влијание во развојот на општеството. Тоа се однесува на човештвото генерално. Сведоци сме дека го живееме мракот на цивилизацијата, ги имаме најголмите можни технолошки и научни достигнувања но и мозоци на примати кои не влечат во пропаст.
Како панкери кои во душа се адолесценти кои сакаат да го променат светот, како се снаоѓате во општеството како луѓе во зрели години? Што е останато од иделите и дали делува фрустрирачки ситуацијата дека младите денес баш и не ги интересира универзалната приказна за “свет пун љубави” (макар и слепа), како и максимата дека “музиката може да го промени светот”?
РАДУЛЕ: Музиката сама не може да го промени светот, ама може да содржи важни информации за пренесување на приказни врзани со моделите за промена, неприфаќањето на состојбите, со т.н. естаблишмент, мејнстрим, било во културата или политиката. Она што сме зрели и постари ги прави работите да ни се појасни. Дефинитивно до пред некое време навистина ние старците бевме исфрустрирани затоа што мислевме дека младите се аполитични, но последните случувања во Србија го зборуваат токму спротивното – младите се неверојатно свесни за се, само сега го пронајдоа начинот да го изразат своето незадоволство. Со оглед на последните несреќни случувања, сега имаат начин и се добри во тоа и затоа ги поддрживаме со сите сили и ние, широкиот спектар на луѓе кои се незадоволни со животот денес. Не е прашањето само до материјалниот статус, туку живот без грч во стомакот. Не е во прашање само нашиот живот, туку целокупниот жив свет на оваа планета.
Што е со оние силни пораки на вашите први албуми? Мислите ли дека денешните млади ги разбираат пораките врзани со животот во младинските акции, “кола поједених до пола” “I don’ wanna die in Sarajevo fight”, “UA sudija”..
РАДУЛЕ: Тие пораки во некоја смисла станаа дел од историјата, фолклорот, преданијата и од нив може да се научат доста работи, или барем да се насети, во крајна линија како било некогаш и како е сега кога имаме увид во минатото и ја имаме сегашноста во која живееме. Во таа ситуација, можеби би имале подобра претстава за тоа како би сакале да живееме. Се надевам дека на тој начин ATHEIST RAP допира до младите генерации, секако, со сите зафрканции кои ги гаиме во текот на целата кариера.
Како ви изгледа вашата сет листа на концертите по 35 години? Дали го свирите она што публиката сака да го чуе, или она што вие сакате да и го пренесете на публиката како порака?
РАДУЛЕ: Постојат песни кои, условно речено, мораме да ги свириме. Не свириме баш се, туку во некои меѓупростори вклучуваме песни со кои сакаме да пренесеме некоја конкретна порака или чисто бидејќи ни се свират. Сите песни ни се горе-долу подеднакво драги, секоја има своја историја и приказна, макар битна само нам. Секако дека имаме свои фаворити кои на драго срце ги изведуваме, само не би можел да издвојам некоја. Има и пар кои не ги свириме, поточно две – три на кои се сеќаваат само одредени “метузалеми”.
Во Скопје сте секоја втора година, биенале (како што промотерот Грга го нарече), можете ли да изброите точно колку пати сте свиреле во Скопје… во овие 35 години? Верувам дека дури и публиката ја познавате лично. По име, а и публиката вас. По што овој концерт во Маракана ќе биде поразличен од останатите и со што ќе ги испровоцираме клинците, да дојдат и тие и да можеби прв пат ги видат ATHEIST RAP во живо?
РАДУЛЕ: Навистина ми е тешко да се сетам колку пати сме свиреле во Скопје, не можам да се сетам ни кога прв пат сме настапиле, која година е тоа, знам да беше тука младиот Логин, можеби неговиот прв концерт кој воопшто го организирал, сите бевме сместени во населба Кисела Вода ми се чини. Секако дека имаме запознато повеќе луѓе во сите овие 35 години, тука се и бендовите со кои сме се гледале и на други простори, некои пријателства кои траат и повеќе децении. Што се однесува до концертите, исто не знам, доста често настапуваме што и ретко правиме некакви изненадувања, мислам дека навистина нема потреба за нив. Тоа е затоа што нашите концерти се всушност многу јака забава и квалитетно дружење. Во прашање е некоја врста на самопомош или взаемна помош која една на други си ја даваме, како и размена на емоции со публиката. Затоа нам ни се подраги клупските концерти поради непосредната комуникација со публиката, иако и фестивалските имаат своја магија. За клинците, ова е ретка прилика да видат “редок примерок на вид во изумирање”.
Што е следно откако ќе пројде и оваа прослава на вашата 35 година од основањето.. која ќе биде вашата инспирација за следните 35?
РАДУЛЕ: Хахаха, па 2025 е 30 години од издавањето на албумот “Ja Eventualno Bih Ako NJega Eliminišete”, ете причина за нов јубилеј! Можеме да го споиме со 20 години од издавањето на “Osvete Crnog Gonzalesa”. Aма како старееме, така и нашите интереси се фокусирани повеќе на други работи кои не инспирираат. Може да се очекува некоја геронтологија во најава. Млади нема да бидеме веќе никогаш, вреди да се соочиме со годините во кои сме, така што не верувам дека ќе има некој нов “Wartburg” или ” Trabant”.
Се раѓаат ли во Нови Сад нови добри бендови? Баш такви, типично новосадски? Автентични по стил и по израз и став? Засекогаш бунтовни? Нешто да препорачаш?
РАДУЛЕ: Секако, како и секаде, сцената опстојува има и нови состави и не баш така нови. Прво што ми доаѓа на памет се Monohrom, Pet minuta slave, Casillas, POLYWHY, Tri kapljice, Vršnjačko nasilje и најмладите на овие простори, Wrishlas. Погледнете ги само групите кои настапија на фестивалите како “Iluzije slobode” и “Ljubav I bes”, на пример. Од неодамна излезе една компилација на новосадски бендови за Underground радио и тука има баш се.
А нешто од македонската сцена? Да издвоите?
РАДУЛЕ: Аух.. ти споменав дека сме старци и баш не памтиме се. Она што памтам од 2000 години е на пример, Суперхикс, преку Васко и неговите бендови, во поново време Xaxaxa, Бернајс Пропаганда, Новиот Почеток, Фонија, Shock Troopers..
Што би рекол Гоја.. за крај на приказнава?
РАДУЛЕ: Што да кажам осве – сочувајте го здравиот разум, читајте, образувајте се, негувајте го критичкото мислење, не верувајте на се што ќе прочитате во медиумите, пазете се едни со други чувајте ја планетата, уживајте во животот, забавувајте се добро бидејќи без тоа и љубов животот нема смисла. Се гледаме на биенале!
Ексклузивно за Трн, интервјуто го водеше: Тошо Филиповски