Радожда е спој на езеро и планина. Тука нема можност за земјоделие. Луѓето имаат по една мала бавчичка леичка, колку за домашно производство. Но, затоа, радождани имаат бели дробови од горната страна на селото, речиси недопрена планинска природа, а од долната страна природно езеро старо со милениуми.
Радожда е место на изгрејсонцето, за разлика од Охрид. Тука, уште од најраните утрински часови добивате сонце и можност за сончање и за прошетка по езерото, вели Петко Кутаноски, 50-годишен стружанец со потекло од Радожда кој одржува силни врски со родното село.
Седум цркви, осум рибни ресторани и 50-тина метри од патот Виа Игнација
Валентина Шајноска од фамилијарниот ресторан Летница за Трн.мк ги посочува патот Виа Игнација и седумте цркви како едни од културните наследства кои се дел од атрактивната туристичка понуда на Радожда.
“Порано селото се наоѓало горе и се викало Селиште. А, отпосле се населувале, слегувале долу по вода и така почнале да се занимаваат со риболов и сите лека полека се населиле покрај самиот брег на езерово. Во селото Радожда поминува и патот Виа Игнација. Од патот се зачувани уште педесетина метра, тој е поплочен со коцки и се наоѓа над самото село.” – Валентина Шајноска

Седумте цркви, коишто се распоредени во и околу селото за радождани се нераскинлива врска меѓу минатото и денешницата.
Најстарата црква е „Свети Архангел Михаил”, пештерска црква изградена во 14 век. “Света Недела” е на самото езеро, од неа излегува вода, која според раскажувањата е лековита, а другите цркви, а главна црква е “Свети Никола”. Црквата “Света Петка” е над самото училиште е Света Петка, а другите три се во горе планината.
Ако ви кажат дека ќе јадете риба од Охридското Езеро, така и ќе биде
Радожда е позната по белвицата. Тоа е втората по автохтона риба во Охридското Езеро, после охридската пастрмка. И така како што знаат радождани да ја подготват, многу тешко може некој друг да ја направи.
Нашиот соговорник Кутаноски ја потенцира чесноста на рестораните и на жителите на Радожда и вели дека таа се држи на тоа дека ако ви кажат дека ќе јадете охридска риба, навистина ќе јадете охридска риба.
“Тоа се ресторанот Динга, вториот е ресторан Два Бисери, третиот ресторан е Вила Радожда, четвртиот ресторан е Албатрос во Радожда. Петтиот ресторан е Летница. Шестиот ресторан е Александрија, седмиот ресторан е Мариј Блаж и осмиот, сега кајшто снимате кајшто седиме, во оваа прекрасна природа е ресторанот Езерски рај.” – Петко Кутаноски

Најбитните специјалитети е пастрмка на жар, тресената пастрмка, светиниколската традиционална тепсија. Тоа е отворената пастрмка на кромид и на ориз, кои што се служат традиционално за празникот Свети Никола, кој што секако е и заштитник на езерото и многу почитувани во Радожда, раскажува Кутаноски.

Радожда е поблиску до Јадран, отколку до Скопје
Радожда е последното село пред границата со Република Албанија. Радождани велат дека со нетрпение ги очекуваат придобивките од регионалните иницијативи како Отворен Балкан, а и од Европска Унија за да можат непречено да се движат и кон другата страна на езерото.
Потребата за непречен проток и движење за граѓаните од овој регион станува уште поголема ако се имаат предвид дека врските со соседните населени места Лин, Рајца, Поградец, Елбасан сѐ уште се многу силни, како по фамилијарни, така и по економски основи. За блискоста со Албанија се потенцира дека од Радожда побрзо ќе стигнете до Драч и Јадранското Море, отколку до Скопје.

