Сопственикот Вишко, кој е и душата на Радио Бар, открива дека почетоците биле скромни. „Идејата беше едноставна – да создадам место каде што луѓето ќе се чувствуваат пријатно и слободно. Почнавме како интернет радио, а сега сме тука, со десет години истрајност и љубов“, вели Вишко.
Во Радио Бар, музиката е начин на живот. Диџеите имаат целосна слобода да се изразат, да пуштаат музика која ги инспирира и да создадат атмосфера која ги поврзува сите присутни. „Тука се чувствуваме како дома. Слободата да изразиме себе си е она што го прави Радио Бар посебен“, додава Вишко.

Радио Бар не е само место за забава – тоа е заедница. „Јас сум таков, ги сакам луѓето, сакам секакви луѓе. Радио Бар е тоа што е затоа што јас сум таков“, искрено вели Вишко. Оваа отвореност и љубов кон сите е она што го прави Радио Бар дом за многумина.

За ова лето, Радио Бар најавува серија настани кои ќе ја оживеат атмосферата на живата музика. Првиот концерт ќе се одржи на 21 јуни, кога на сцената ќе настапи Д.Н.О. „Ние сме тука за да ги донесеме најдобрите артисти и да создадеме незаборавни моменти за нашите гости“, додава Вишко.

Десет години по почетокот, Радио Бар продолжува да биде место на слобода, музика и љубов. „Најголемиот успех за мене е да ги гледам луѓето среќни. Кога тие се среќни, и јас сум среќен“, заклучува Вишко.

Зоки Бејбе, еден од познатите диџеи, споделува: “Нема да го заборавам денот кога Вишко ми кажа дека го земал просторот и за кратко време тој магнетизам, тоа пријателство со сите диџеи, направи ова место да стане дом на диџејската култура.”

Емилија Вучиновска, модна дизајнерка ќе каже дека Радио Бар е култно скопско место каде најголем број од нејзините модни сесии се случувале, Облечи пресоблечи во Радио Бар, така што мислам дека Радио Бар донесе една многу убава свежина, едни градски луѓе, кои што слободно можам да ги наречам во скопски шизици и шизики.

Ако не си бил во Радио Бар, не си бил во Скопје, заклучуваат присутните гости и со радост споделуваат најубави работи за ова кафуле.
Радио Бар е место каде што музиката и луѓето се спојуваат, создавајќи атмосфера која е уникатна за Скопје. Со десет години искуство, Радио Бар продолжува да биде светилка на културната сцена на градот.