Партија на Радев може да ја смени надворешната политика на Бугарија

Анализите на Euronews укажуваат дека новиот политички проект на поранешниот претседател би можел да ја преобликува и европската и безбедносната ориентација на земјата.

Формирањето нова политичка партија предводена од поранешниот бугарски претседател Румен Радев би можело значително да влијае не само врз внатрешната политика на Бугарија, туку и врз нејзината надворешнополитичка насока, оценува Euronews во својата анализа по најавената оставка на Радев.

Иако Радев во синоќешното обраќање до нацијата директно не соопшти дека ќе формира политичка партија и ќе учествува на претстојните предвремени парламентарни избори, бугарските медиуми и аналитичарите оценуваат дека таквиот заклучок јасно произлегува од неговиот настап. Според проценките, новиот политички субјект би можел да одигра значајна улога на изборите, а во одредени сценарија дури и да обезбеди победа.

Во говорот, Радев порача дека актуелниот модел на управување ја загрозува демократијата и оцени дека привремената влада повеќе не претставува гарант за фер и транспарентни избори. Тој побара прошка од граѓаните за сопствените грешки, но истовремено најави дека започнува нова политичка фаза, нагласувајќи дека „битката за иднината на Бугарија допрва започнува“.

Радев потсети дека за време на неговиот деветгодишен мандат земјата го завршила процесот на европска интеграција, станувајќи членка на Шенген-зоната и Еврозоната. Сепак, тој постави серија прашања зошто овие постигнувања не донеле стабилност, зошто довербата во институциите и медиумите е ниска и зошто значителен дел од граѓаните живеат во економска и социјална несигурност.

Според него, одговорот лежи во „олигархиски модел на владеење“, кој формално функционира како демократија, но суштински ги поткопува институциите и националниот интерес. Во тој контекст, Радев остро ги критикуваше политичките елити кои, како што рече, ја изложиле земјата на безбедносни ризици во услови на војна во регионот и го нарушиле граѓанскиот и етничкиот мир.

Во анализата на Euronews се посочува дека евентуалната партија на Радев би можела да донесе промени и во надворешната политика на Бугарија, особено во однос на војната во Украина. Ставовите на Радев по ова прашање значително се разликуваат од оние на претходните влади, поради што неговите критичари често го обвинуваат за проруски позиции, иако оваа квалификација тој досега ја отфрла.

Дополнителна контроверзија предизвика и неговиот повик за референдум за воведување на еврото, само неколку недели пред официјалното усвојување на валутата на 1 јануари 2026 година, иницијатива која беше отфрлена од парламентот.

Со оставката на Радев, функцијата претседател привремено ја презема потпретседателката Илијана Јотова, која ќе има задача да именува службена влада и да распише предвремени парламентарни избори. Бугарија на пролет ќе излезе на осми парламентарни избори од 2021 година наваму, во услови на длабока политичка и општествена поларизација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни