Раде Шербеџија, една од најголемите ѕвезди на балканската и светска сцена, ја донесе својата магија во Скопје и уште еднаш ја разбуди носталгијата кај публиката. На сцената и овој пат совршено ја спои актерската магија со музиката. Познат по големите улоги во театарот, филмот и телевизијата, по својата харизма, интензивна игра и моќен глас, Шербеџија одново ја покажа својата моќ да ги пренесе најдлабоките чувства на публиката.
Сè што прави Раде Шербеџија на сцената и пред камерите носи една изразита харизма, која го прави не само актер, туку и личност која привлекува внимание и ја освојува публиката без напор. Токму тоа е магијата на неговата харизма.
Со Шербеџија разговаравме непосредно пред концертот во Македонската Филхармонија. Зборувавме за неговата пасија кон музиката, за работата, за студентите, за незаборавниот филм „Пред Дождот“…За љубовта и поврзаноста со Македонија.
–Трае долго, оваа љубов кон Македонија. Од времето кога бев млад студент на Академија и кога прв пат доаѓав тука, со некои претстави во драмскиот театар „Гавела“. Бев млад стипендист и играв некои улоги за прв пат овде. И така ја запознав генерацијата на моите пријатели… се сеќавам тогаш беше главен глумец Чоревски, па некои прекрасни глумци како Ненад Стоjaновски, млади и совршени. Мојот врсник Мето Јовановски, браќата Стефановски со кои сум другар и пријател, скоро станавме семејство. Така што мојата поврзаност е длабока со нив и тука е секако мојот Милчо Манчевски кој на некој начин ми е како млад татко во филмот…вели Шербеџија.
„Пред Дождот“- Каков Филм!
На 9 декември минатата година филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски ја прослави својата 30-годишнина со гала златна премиера во Филхармонија. На премиерата покрај Манчевски, присуствуваше и речиси целата актерска екипа заедно со Шербеџија.
„Пред дождот“ беше првиот филм што го освои најголемиот меѓународен успех за Македонија, влегувајќи во светското културно наследство и станувајќи дел од престижната Крајтерион колекција. Од моментот на неговото прикажување, филмот освои преку 30 награди на меѓународни фестивали, а „Њујорк тајмс“ го вброи во листата на 1.000 најдобри филмови во историјата. Филмот ги освои престижните награди, како Златниот лав на Фестивалот во Венеција, номинацијата за Оскар, а беше дистрибуиран и во над 60 земји. Токму овој филм ја лансираше светската кариера на Шербеџија.
-Тој филм ми ги отвори вратите. Тој божанствен филм, сега го гледав пак. Ја не ги гледам многу своите филмови во кои што играм и тој филм не сум го гледал 30 години. Беше многу, многу возбудливо. Не ми се веруваше, толку беше прекрасно кога ги гледав сите тие кадри, Боже како е тој филм направен, божанствено- вели Шербеџија.
За филмот, музиката, фудбалот и животот…
Без оглед дали станува збор за театар или филм, Раде Шербеџија умее да создаде врска со публиката на начин кој е длабок и силен. Тој не само што ја претставува својата улога, туку ја прави публиката дел од приказната што ја раскажува. Тој е човек кој го сака животот и сето она кое го работи.
– Јас секогаш сум се занимавал со мојот живот и со туѓите животи кои доаѓале во моја близина. Животот ми е мене најважен, се друго останува. Играв фудбал, да речеме одлично. Можеби сум можел да бидам и професионален фудбалер. Со спорт сум се занимавал цел живот. Со риболов исто. Морето за мене претставува голема пасија. И после со што уште…? Да, освен глумата во таа уметност уште сакам и да бидам учител. Зошто? Поради таа фантастична ситуација, да бидеш во интеракција со тие млади искрени луѓе. И тука го пронаоѓам највисокото уметничко достигнување кое јас го имам доживеано во соработка со моите студенти. Јас сите мои студенти не сум сакал особено да ги учам за глума. Ги учев за се друго. Сум ги учел за животот, благоста, почитта. Барав од нив да читаат книги, да гледаат филмови, општо да го следат животот, уметноста. Да ја изградат својата личност и што порано да дојдат до својата слобода, бидејќи секој од нив, реков, може да биде Роберт де Ниро, само доколку верува во себеси и доколку го открие своето лице. Сите тие лица се толку интересни. Така што секој може да стане, во некоја смисла, херој – вели Шербеџија.
Се восхитувам на храбоста на младите во Србија
Изминатите концерти Шербеџија ги посвети на студентите од Србија и протестите кои ги покренаа. Тој испрати и емотивна видео порака со која ја поодржа нивната упорност, истракност и храборост да бараат промени. Неговиот концерт во Скопје се совпадна со големиот протест во Нови Сад.
-И сега сум возбуден, гледајќи телевизија за се ова што се случува во Нови Сад. Возбуден сум. Тие слики ме потсетуваат на оние документарни снимки на завршување на Втората светска војна, кога доаѓа народ, се прегрнуваат еден со друг, ослободителите и оние кои биле заробени и тоа се невидени емотивни нешта. И се восхитувам на таа младина, се восхитувам на нивната храброст, памет. Брилијантни се. Јас верувам во нив. Ја од тогаш секој мој концерт го почнувам со тишина. И вечерва концертот ќе го посветам на нив – вели Шербеџија.