Работник кој повеќе од единаесет часа бил заробен под урнатините на кулата Торе деи Конти во центарот на Рим, починал откако бил извлечен од спасувачите и пренесен во болница, јавуваат италијанските медиуми.
Дел од фасадата на кулата, која се наоѓа во близина на Форумите на Цезар и Колосеумот, се урнал во понеделник наутро, создавајќи облак прашина и затрупувајќи неколкумина работници на градилиштето.
Според информациите од медиумите, тројца работници биле евакуирани, а еден од нив добил повреда на главата.
Последниот, 66-годишен државјанин на Романија, останал заробен под урнатините повеќе од единаесет часа.
Римските пожарникари го извлекле доцна навечер, а во болницата Умберто I пристигнал во состојба на кардиореспираторен застој. И покрај обидите за реанимација, човекот починал, објави агенцијата Анса.
Претседателот на регионот Лацио, Франческо Рока, изрази сочувство до семејството на загинатиот работник.
„Октај Строици не преживеа, и покрај вонредните напори на спасувачите. На работа не смее и не треба да се умира“, напиша Рока на Фејсбук.
Обвинителството во Рим отвори истрага поради сомневање за небрежност и ненамерно предизвикани повреди, а карабињерите веќе ги испитале работниците и одговорните за реконструкцијата.
Според податоците на римскиот оддел за културно наследство, урнувањето зафатило потпорен ѕид, дел од темелите и скалите на кулата, чие обновување започнало во јуни и вклучувало отстранување на азбест.
Кулата Торе деи Конти, изградена во 9 век и проширена во 13 век за време на владеењето на семејството на папата Инокентиј III, е затворена од 2007 година.
Обновата се финансира преку европскиот план за обнова, а по завршувањето на работите било планирано објектот да стане културен центар.