Десетици илјади вработени го прекинаа работниот процес во 9:30 часот по локално време. Штрајкот траеше два часа и ќе продолжи и за време на вечерната смена, кога работата повторно ќе биде прекината на два часа, пренесува Reuters.
„На сите локации, во сите смени, вработените во Volkswagen прекинуваат со работа – не само на два часа како претходно, туку на четири часа“, изјави главниот преговарач на IG Metall, Торстен Грегер.
Тој предупреди дека доколку управата на Volkswagen ги игнорира синдикатите, протестите ќе се заострат во 2025 година. „Новогодишниот огномет ќе биде проследен со ескалација каква што оваа компанија не видела“, изјави Грегер, додавајќи дека управата има „последна шанса“ да постигне заедничко решение во наредните две недели.
Управата на Volkswagen планира да затвори три фабрики во Германија и да отпушти илјадници работници со цел да ги намали трошоците, но синдикатите предлагаат алтернативни решенија за зачувување на работните места и правата на работниците.
Работниците категорично ги отфрлија предлозите за намалување на платите или затворање на фабриките и предупредуваат дека притисокот ќе се зголеми со организирање штрајкови кои би траеле 24 часа или повеќе.
Канцеларот Шолц повикува Volkswagen да не затвора фабрики
Германскиот канцелар Олаф Шолц повика производителот на автомобили да се воздржи од затворање на фабрики, истовремено признавајќи дека одлуката е во рацете на сопствениците на компанијата и претставниците на работниците.
„Затворањето на фабриките не би било вистинскиот пат, бидејќи лошите одлуки на управата ја влошија ситуацијата“, изјави Шолц за медиумската група Funke.
Тој додаде дека, иако конечните одлуки ги носат сопствениците, „секогаш е исправно да се потсетуваат компаниите на нивната одговорност“.