Интересот за работа во Германија продолжува да расте, но ограничениот број дозволи доведе до тоа околу 18.000 апликации од земјите од Западен Балкан да бидат одбиени на крајот од 2025 година. Според податоците на германската Агенција за вработување, бројот на странски работници кои плаќаат придонеси за социјално осигурување значително се зголемил – од нешто повеќе од 200.000 во 2020 година на околу 420.000 во јуни 2025 година.
Голем дел од новодојдените работници пристигнале со таканаречената „сина карта“ на Европската Унија, а условите за нејзино добивање беа дополнително олеснети со измените на Законот за квалификувана имиграција, кој стапи во сила во март 2020 година. Во моментов повеќе од 164.000 работници од земји надвор од ЕУ поседуваат ваков тип дозвола, што претставува значително зголемување во однос на претходните години.
Зголемената миграција се рефлектира и во порастот на интересот за информации и консултации. До крајот на 2025 година биле реализирани околу 360.000 дигитални советувања за странски кандидати, а само за признавање на професионални квалификации биле спроведени над 23.000 консултации.
Особено голем интерес за германскиот пазар на труд доаѓа од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, чиј влез е регулиран со специјалната Регулатива за Западен Балкан која важи од 2016 година. Иако годишниот број дозволи за работа беше зголемен на 50.000, побарувачката значително ја надминува понудата, поради што илјадници апликации останале без одобрение.